| четврток, 6 декември 2018 |

За разлика од Тозија, ние немаме што да криеме – се огласи продуцентот на серијата „Македонија“

Отворени сме за соработка и ќе ги доставиме сите документи и информации поврзани со нашата работа. Сакаме да упатиме реакција на изјавата на в.д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија кој информира на прес-конференција дека Јавното обвинителство покренало постапка за криминал во целиот проект и свесно ја изманипулира јавноста за целиот случај што покажува на неговата личност и намера во целост.

Ова денеска го истакна продуцентот на серијата „Македонија“ Винко Грубишиќ во реакција до јавноста во врска со вчерашната изјава на в.д. директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, кој рече дека досега до Агенцијата не е пристигнат никаков продукт од серијата и не се знае каде се потрошени парите.

– Ние за разлика од Горјан Тозија немаме што да криеме и ќе соработуваме со надлежните институции, и ќе ги дадеме на располагање сите информации. Ја поздравуваме предистражната постапка со оглед дека немаме што да криеме и сме постапувале согласно законот, се наведува во реакцијата на Грубишиќ.

Според него, Тозија се сретнал со претставници на „Јадран филм“ и не само што ја договорил динамиката на продукцијата, туку и се вклучувал во именување на лица од заедничка доверба на чело на продукцијата, Борис Грегуриќ.

– Ние сме компанија која има 71-годишно искуство, која продуцирала преку стотина филмови и најскапи серии и никогаш не фалело ни еден денар. Така ќе биде и овој пат, наведува Грубишиќ во дописот до јавноста.

Како што тврди, ова е обид за компромитација на проектот од страна на Тозија и како би се запреле сите подметнувања, „Јадран филм“ службено понудил двојна гаранција за секој денар од страна на матичната компанија, како и од него лично како продуцент, тврди Грубишиќ.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top