| четврток, 6 декември 2018 |

Монпелје се намачи за да го совлада младиот Металург

Ракометарите на Металург го прокнижија и четвртиот пораз во групата Д во Лигата на шампиони (ЛШ) откако во борбениот дуел со француски Монпелје немаа сили за изненадување. Со победата од 27-21 (16-14), Монпелје остана единствениот непоразен тим по седумте кола во ЛШ и со 14 бода е на врвот на табелата во групата Д.

Французите во текот на целиот натпревар ја имаа иницијативата и контролата врз резултатот, а младиот состав на Металург успешно им парираше и им дишеше во врат на избраниците на Партис Канаје. Второто полувреме од мечот донесе игра со многу грешки и малку голови од двете страни.

Цврстата и борбена одбрана на Металург зад која Дарко Арсиќ забележа шест интервенции допринесе металурзите во два наврати да се доближат на минус еден (17-18) во 39-та и (21-22) во 50-та минута, по што настапи црна серија во нападот на Металург, кој во девет наврати до крајот на мечот не успеа да реализира ниеден гол, наспроти Французите кои погодија пет пати за конечки 21-27.

Најефикасни во составот на Металург беа Жарко Пешевски, Божо Анѓелиќ и Халил Јагањац со по пет постигнати гола, а кај Монпелје со по шест реализации се истакнаа Теофил Косе и Валентин Порт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top