| четврток, 6 декември 2018 |

Османи: Македонија ќе му даде поддршка на Косово на патот кон евроинтеграцијата

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи се сретна со Министерката за европска интеграција на Косово, Дурата Хоџа.

На средбата беше потенцирана заложбата на двете земји за европската перспектива на регионот, како и соработка во оваа насока меѓу двете земји.

-Македонија и Косово ја имаат истата цел- пристапување во ЕУ. Верувам дека можеме да се поддржиме во процесот на интеграција во ЕУ со континуиран, отворен и конструктивен дијалог- истакна Османи на почетокот на средбата.

Во тој контекст, Османи ги понуди искуството и знаењата кои Македонија ги стекна во делот на спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, со директна соработка и експертска помош, нагласувајќи дека Косово ќе ја добие целосната поддршка од страна на Македонија за нивните евроатлантски аспирации.

Двајцата соговорници ја повторија и поздравија иницијативата за одржување заедничка седница на владите на двете земји, во рамките на воспоставените институционални механизми со потпишаниот Договор за соработка во областа на европската интеграција, а беа разгледани и заедничките проекти во рамките на Берлинскиот процес, како и можното воспоставување заедничка царина. Вицепремиерот Османи на средбата потврди и дека се работи на спроведувањето на стратешкиот проект во рамките на ИПА за прекугранична соработка, граничниот премин Белановце- Станчиќ, и подвлече дека ќе стори сè што е во рамките на неговите надлежности како НИПАК за навремено завршување на сите постапки, за што побара заложба и од косовската страна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top