Женската сениорска репрезентација на Македонија ги одработува последните два тренинзи пред стартот на квалификациите за Европското првенство 2019 година што ќе се одржи во Летонија и Србија.
Во отсуство на повредените Јелена Антиќ, Ана Тантуровска и Ивона Пејковска, кои нема да можат да им помогнат на останатите во првиот круг од квалификациите, Нена Трајчевска заедно со натурализираната Криси Гивенс ќе го понесат товарот во дуелите против Италија и Шведска.
– Без разлика и со подмладокот во репрезентацијата ние ќе дадеме се од себе и ќе се бориме до крај на секој натпревар иако не чекаат силни противници. Знаеме дека Италија е една од подобрите селекции во Европа и една од поискусните која заврши на седмото место на минатиот Евробаскет. Се надеваме дека ќе пружиме доволно силен отпор и на што подобар резултат. Постои некој мал притисок, но морам да кажам позитивен. Гледајќи ги девојките, сите имаат позитивен став и сите едвај чекаме да започне овој квалификациски циклус, изјави Трајчевска.
Квалификациите Македонија ги започнува утре со мечот против Италија кој ќесе игра во СЦ „Јане Сандански“ од 17 часот.
Веднаш потоа избраничките на Марјан Лазовски заминуваат за Шведска каде на 15 ноември ќе го одиграат и вториот меч. Во групата „Х“ црвено-жолтите уште за противник ќе ја имаат и репрезентацијата на Хрватска против кој ќе играат во февруари следната година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.