Издавачката куќа „Готен“ го објави македонскиот превод на романот „Суштинското“ од германската авторка Ирис Ханика. Романот во 2010 година ја доби Наградата на Европската Унија за литература. Преводот од германски јазик е на Ксенија Чочкова-Гизе.
Романот на Ханика го истражува начинот на кој современото германско општество се однесува кон нацистичките криминали и неговата немоќ да се справи со ова страшно прашање од минатото.
Суштинското за секого е нешто друго. За Ханс Фрамбах тоа се злоделата од времето на нацистите, поради кои страда откога знае за себе. Затоа и станал архивар во Институтот за стопанисување со минатото; но во меѓувреме се прашува дали не е време за друга работа. И за неговата најдобра пријателка Грациела во средиштето на нејзиниот живот стои ова минато – сè додека не запознае еден маж, во кој се вљубува, поради што почнува за суштинско да го смета телесното спојување на половите; концепт во кој подоцна ќе се посомнева.
Но може ли да се направи национал-социјализмот одговорен за сè? Всушност сепак неспособноста да бидат среќни е она што ги прави толку чудни ликови Ханс и Грациела. Само што тие самите својата несреќа не ја сметаат за дадена од Бога, туку од нацистите. А државата во која живеат ги поддржува во нивното размислување дека тоа е суштинското.
Романот покажува како злоделата од времето на нацизмот нè држат во своите канџи до денеска, и притоа не пропушта да нагласи до какви апсурдности води професионализирањето на комеморацијата. Зашто и таму има нешто суштинско: нашата беспомошност во однос на големото злодело, што некогаш било извршено во наше име.
Објавувањето на книгата е поддржано од програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.