| четврток, 6 декември 2018 |

Поскапи производи, помала конкурентност: Негативни ефекти од покачувањето на акцизата

Владата најави зголемување на акцизата за дизелот, мазутот и за екстра лесното масло за домаќинство. Според најавите на министерот за финансии Драган Тевдовски, дизелот поскапува за 3,5 денари во 2018 година. Но, како тоа покачување ќе се одрази на индустриското производство, земјоделието, транспортот и сообраќајот, пишува порталот Економски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2016 година во индустријата, за индустриско производство, се потрошени вкупно 31.305.396 литри дизел, 18.223.881 литри нафта за ложење, 47.501.000 литри мазут. Оваа потрошена количина е исклучиво за производство, не и за транспорт. Доколку ја вкалкулираме повисоката акциза и ДДВ од 3.5 денари ке дојдеме до заклучок дека трошоците за индустриско производство ќе се зголемат за 339.605.968 денари или 5.522.048 евра на годишна основа (под претпоставка дека во 2018 година ќе се потроши истата количина на дизел, нафта за ложење и мазут како и во 2016 година).

5.522.048 евра за една година ќе ги чини компаниите повисоката акциза

5.522.048 евра ќе платат дополнително компаниите за една година поради повисоката акциза. Тоа се повисоки трошоци за производство, што ќе влијаат на поскапување на цената на произведените производи, а тоа ги прави понеконкурентни домашните компании на странските пазари, што секако ќе влијае и на извозот и на вкупната економија.

На овие дополнителни трошоци за компаниите предизвикани од растот на акцизата најавена од министерот Тевдовски, треба да се додадат и транспортните трошоци.

Во текот на 2016 година, потрешено е вкупно 571.846.154 литрa дизел за транспорт, од кои 569.540.758 литри во патниот сообраќај и 2.305.396 во железничкиот сообраќај. Повисоката акциза на дизелот ќе ги чини компаниите и граѓаните вкупно 2.001.461.538 денари или 32.544.090 евра (под претпоставка дека во 2018 година ќе се потроши истата количина дизел како и во 2016 година).

Транспортот во 2018 година ќе чини дополнителни 32.544.090 евра како резултат на повисоката акциза на дизелот. Населението и компаниите ќе платат дополнителни 32.544.090 евра за транспорт. Повисоката акциза на дизелот покрај намалувањето на конкурентноста на македонските компании ќе значат и раст на цената на приватниот и јавен транспорт кој го користи населението.

Поскапиот дизел и мазут како резултат на повисоката акциза негативно ќе се одрази и во земјоделието. Познато е дека мазутот се користи во процесот на оранжериско производство. Во 2016 година во земjоделието за оранжериско производство е потрошено вкупно 5.517.000 литри мазут. Тоа значи дека дека компаниите кои имаат оранжериско производство ќе платат дополнителни 19.309.500 денари односно 313.976 евра како резултат на растот на цената на акцизата на мазутот( под претпоставка дека цената на мазутот ќе се зголеми за 3.5 денари и дека ќе се потроши истата количина како и во 2016 година). Со покачувањето на акцизата на дизелот, трошоците за производство на еден хектар житни култури се зголемува за 600 ден. Трошоците за 1 хектар производството на зелка и кромид (градинарски култури) се зголемуваат за 800 денари. Овие дополнителни трошоци за земјоделците со сигурност ќе влијаат на намалување на површините под користено земјоделско земјиште а со тоа и на земјоделското производство.

Покрај кај компаниите, повисоката акциза на дизелот негатино ќе влијае и на домаќинствата. Тоа го видовме со повисоките трошоци за сообраќај. Дополнителни, во 2016 година, домаќинствата кои се загреваат на нафта потрошиле вкупно 4.319.173 литри нафта за ложење. Со повисоката цена на нафтата, загревањето со користење на нафта, на годишна основа на ниво на држава, домаќинствата ќе ги чини дополнителни 15.117.107 денари односно 245.807 евра.

За вкупните негативни ефекти потребно е да се вкалкулираат и последиците предизвикани од инфлационата спирала како резултат на зголемената акциза за дизелот односно растот на цените на малопродажните производи, кој раст на цени ќе го осетат сите граѓани на Република Македонија.

Дополнително, анализата е направена со користење на достапните податоци за 2016 година. Доколку се анализира трендот, од година во година потрошувачката на нафта се зголемува, што значи дека дополнителните трошоци ќе бидат и повисоки.

Покачената акциза на дизелот и мазутот значи огромен трошок за компаниите и осиромашување на граѓаните. Од друга страна, од досегашните информации за проектираниот буџет за 2018 година, повторно е предвидено слично ниво на буџетски дефицит од 2,8% и умерен економски раст.

Да заклучиме, со растот на акцизата на дизелот и мазутот, во 2018-та година компаниите ќе имаат повисоки трошоци за производство, граѓаните ќе станат посиромашни, задолжувањето на Владата ќе продолжи а економијата, во најмала рака, ќе стагнира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top