Во рамки на програмата за одбележување на големиот јубилеј 100 години од раѓањето на еден од доајените на македонското современо сликарство академскиот сликар Борислав Траиковски, во која со свои активности се вклучени НУ Завод и Музеј Битола, Македонското научно друштво и Друштвото на ликовни уметности Битола на 09.10.2017 година во НУ Завод и Музеј Битола свечено се отвори Спомен ателје Борислав Траиковски.
Ателјето е реализирано со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија и семејството Главинче. Во спомен ателјето се наоѓаат најзначајните зачувани автентични експонати кои ги користел сликарот, како што е штафелајот, палетата, работниот мантил, работната маса и стол, дел од кроки верзиите на сликите, приборот за сликање, за урамување на слики, приборот за изработка на монолитографии, лични документи и фотографии, оригинални писма, блинд рамки и карактеристични слики од повеќе фази од неговото творештво (цртежи, акварели, слики со пастел, масла на платно и сл.).
Инаку, Траиковски е еден од првите македонци кои дипломирале на Академијата за ликовна уметност во Белград во 1951 година. Целиот свој живот творел во Битола. Најдолго работел во своето атеље во село Бистрица, во еден исклучително натурален, мирен амбиент, во стара зграда изградена пред Втората светска војна.
Во текот на целото свое творештво го задржал исклучителниот колорит кој е главен фундамент и препознатливост на неговите слики. Сам ги подготвувал боите, платната и живеел за сликарството. Создал повеќе од 4000 слики, во различни димензии и техники.
Сликарскиот амбиент, сега е достапен до јавноста како резултат на волјата на НУ Завод и Музеј Битола и збирката на слики кои ја поседува оваа институција, на совесноста на потомците да ги зачуваат неговите експонати и слики од кои дел потекнуваат од пред седумдесеттина години и на арх.Зоран Николовски кој успешно го планираше и организираше просторот.
Роден е на 15 јуни 1917 година во Битола. Во 1937 година започна со студии на Техничкиот факултет во Белград, отсек архитектура, по што со почетокот на Втората светска војна во 1941 година истите ги прекина и се врати во Битола. Во периодот од 1944 до 1947 година работи како наставник во Битола. Во 1951година Траиковски завршува Ликовна академија во Белград со што тој е првиот македонски академски сликар кој по ослободувањето дипломирал на таа академија. За време на студиите му предаваа секоја година различен професор (Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Љубица Сокиќ, Коста Хакман, Иван Табаковиќ). По 1951 година тој се враќа во Скопје каде е назначен за асистент по сликарство на Архитектонскиот факултет. Само по неколку денови престој во Скопје се враќа во Битола и изјавува: „Доколку би се преселил на друго место и не би можел да го гледам синилото на битолското небо, сигурен сум, би престанал да сликам!“. По неговото враќање во Битола, професор е по уметност во Гимназијата „Браќа Миладиновци“, а подоцна и во Педагошката академија во Битола.
Добитник е на наградата 11-ти Октомври за животно дело (1980г.), Орден на Републиката од 2 степен, 4-ти Ноември – награда на Општина Битола и многу други.
Почина во Битола на 11 октомври 1996 година.
Од 2006 година во Битола, во негова чест е воведена наградата „Борислав Траиковски“ која се доделува за најуспешно дело на годишната изложба на ДЛУБ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.