| четврток, 6 декември 2018 |

Се одвиткува инфлаторната спирала: По Нова година поскапуваат нафтата, водата и сите останати производи

Од почетокот на наредната година ќе се одвитка инфлаторната спирала. Ќе поскапи нафтата, која со себе ќе повлече поскапување на превозот, а со тоа и на сите производи за храна и хигиена. Ќе поскапи и водата. Отворено е прашањето и дали ќе поскапи парното во Скопје затоа што мазутот е енергенс кој се користи за затоплување. Иницијална каписла за поскапување на сите производи кои можеме да ги најдеме на рафтовите во маркетите, но и на превозот ќе биде покачувањето на акцизата на нафтата која од наредната година ќе ја дигне цената на дизелот во малопродажба за 3,5 денари по литар, што ќе биде вистински ценовен шок за граѓаните.Од владата уверуваат дека покачената акцизна давачка нема да предизвика инфлаторно  дејство, односно нема да поскапат останатите производи, но останува нејасно како Владата ќе ги убеди транспортерите да не ги покачат цените што неминовно ќе доведе до поскапување на сите производи.

Последните податоци од бројот на возила во Република Македонија покажуваат дека 226.513 возила се на бензин, а 203.643 возила користат дизел, 11.620 на плин и 63 електромобили. Ова би значело дека трошокот за превоз на над 200.000 домаќинства ќе се зголеми, што пак директно ќе се одрази врз тенчење на семејниот буџет. Едно семејство кое во просек троши 70 литра дизел месечно, сега ќе треба да плати 245 денари повеќе секој месец. На годишно ниво, тоа би било нешто помалку од 3.000 денари. Освен повисоки цени за користење на домашните автомобили, не очекуваат повисоки цени и на јавниот превоз. Завлекувањето во џебот на граѓаните ќе се заокружи со повисоките цени на производите во маркетите.

Покачувањето на цената на дизелот ќе се одрази и врз работењето на компаниите за шпедиција, транспортерите и такси компаниите. Колку за пример, камионите во Република Македонија се 99 отсто на дизел.

-Нормално дека поскапувањето на нафтата ќе се одрази врз транспортот. Тој ќе поскапи, а за трговците да не бидат во загуба, зголемениот трошок ќе го вкалкулираат во крајните цени на производите. Секое поскапување на крај го плаќаат граѓаните. Зарем ние не треба да ги поскапеме нашите услуги и да работиме со загуби? Тогаш воопшто нема потреба да работиме-велат транспортерите.
Поскапувањето на нивните услуги е неминовно.
-Ако поскапува нафтата, логично би било прашањето, зошто не се преориентираме да работиме на бензин или плин?Возењето на бензин, кој е поскап од нафтата, повторно ќе значи поскапување на превозот, а поставувањето на плински уреди е многу скапо. Значи ни останува само нафтата. Ние сме во безизлезна ситуација, па треба да направиме анализа каква ќе биде математиката на нашето работење после Нова година-објаснуваат транспортерите.

Со оглед на тоа дека од почетокот на наредната година ќе поскапи и мазутот, кој се користи за парното греење, се очекува поскапување и на услугите за затоплување на домовите.

Но списокот на поскапувања не завршува тука. Имено некои домаќинства од први јануари ќе плаќаат и поскапа вода. Сметките кои ќе стигнуваат се очекува да бидат поголеми и за 3 проценти.

Од Регулаторната комисија за енергетика информираат дека на 15 ноември ќе се одлучи до каде ќе можат да се движат цените, а општинските совети ќе гласаат за новите тарифи. Од Комисијата засега не откриваат кои општини ќе плаќаат поскапи сметки за вода, а кои поевтини.

Граѓаните бесни по одлуката на Владата да ги поскапи горивата. Тие велат дека тоа најмногу ќе удри врз џебот на најсиромашните.

И експертите ги критикуваат ваквите ад-хок мерки. Велат дека тоа била ненадејна и неочекувана одлука која најмногу ќе ја почувствуваат граѓаните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top