| четврток, 6 декември 2018 |

Ретроспективна изложба „Петар Мазев, 90 години од раѓање“

Ретроспективна изложба по повод 90 години од раѓањето на македонскиот уметник Петар Мазев ќе биде отворена денеска во објектот Даут пашин амам, во организација на Националната галерија на Македонија.

Изложбата „Петар Мазев, 90 години од раѓање“ е составена од околу 70 дела работени во разни техники на платно и панел, кои прават пресек на творештвото на Мазев, следејќи го неговиот развој и пат, од самите почетоци на 50-тите години од минатиот век се до неговата смрт во 1993 година.

Делата на изложбата се позајмени од Музејот на современата уметност во Скопје, Заводот и музеј Охрид, Културно-информативниот центар од Скопје, Центарот за култура Антон Панов од Стрмица и од голем број приватни колекционери.

Петар Мазев е роден 1927 година во Кавадарци. Завршил Ликовна академија во Белград во 1953 година кај професор Зоран Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје и бил главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Тој е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност со бројни самостојни преставувања како во Македонија, така и воСрбија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и други.

Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои „11 Октомври“ на Република Македонија во 1961 година, во 1979 добива прва награда на Југословенскиот конкурс за ликовно обликување на ентериерот на Спомен-костурница на загинатите борци од НОБ во Велес и велешко и истиот го изведува во мозаик, 1981 година добитник е на наградта „Моша Пијаде“ на Ликовниот салон во Цетиње.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top