| четврток, 6 декември 2018 |

Со Гала концерт и „Кавалерија рустикана“ вечерва МОБ одбележува 70 години постоење

По повод 70 години од постоењето на Македонската Опера вечерва, со почеток од 20 часот, во Македонската опера и балет (МОБ) ќе изведе премиера на операта во еден чин „Кавалерија Рустикана“ од Пјетро Маскањи, во режија на Џандоменико Вакари, а претходно ќе се одржи Гала оперски концерт под диригетство на Бисера Чадловска.

Диригент на „Кавалерија Рустикана“ ќе биде Италијанецот Џанлука Мартиненги, а во главните улоги ќе настапат Весна Ѓиновска Илкова (како Сантуца), Ѓорѓи Цуцковски (како Туриду), Борис Трајанов (како Алфио), Николина Јаневска (Лола) и Марика Поповиќ (Мајка Лучија), додека на репризата на 3 ноември диригент ќе биде Иван Еминовиќ, а во улогите ќе се претстават Сандра Митровска (Сантуца), Зоран Сотиров (Туриду), Ристе Велков (Алфио), Катерина Стојановска (Лола) и Елена Тасевска (Мајка Лучија).

-Јас и мојот асистент Алесандро Идонеа сме среќни што работиме во овој прекрасен театар, со талентирани луѓе, но и за овој важен повод, рече италијанскиот режисер Џандоменико Вакари, истакнувајќи дека „Кавалерија Рустикана“ е значајна италијанска опера која претставува еден вид ‘врата’ за италијанската опера од 19-от век. Вакари притоа ја истакна сценографијата на Зоран Николовски за која посочи дека ќе биде динамична и ќе ротира при изведба на операта.

-Ова движење на сценографијата ќе биде во сооднос со звукот, но и со ликовите во ‘Кавалерија Рустикана’’, додаде тој, потсетувајќи дека „во операта главни ликови се четворица млади луѓе, две жени и двајца мажи кои се жртви на сопствената судбина, односно жртви на непишаниот закон кој постоел пред 200 години“. „’Кавалерија Рустикана’ е голема опера и среќни сме што во Скопје се изведува 70 години, додаде Вакари.

Како што беше најавено од МОБ, 70 годишнината од постоењето на Македонската Опера ќе се одбележува низ цела година, а идејата е да се претстави целиот ансамбал кој го поседува оваа институција, како и преку солистите кои се значајни за оваа куќа.

-Затоа овој спој, изведба на гала-концерт и премиера на опера во една вечер е концептот кој треба да ја истакне идејата за претставување на капацитетот кој го преставува Македонската Опера, вели Весна Ѓиновска Илкова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top