| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската филхармонија ќе ја изведе „Симфонија на тажни песни“ од Горецки

Македонската филхармонија со посебна радост го најавува симфонискиот концерт „Симфонија на тажни песни“ кој ќе се одржи на 2 ноември (четврток) со почеток во 20 часот, во новиот музички храм.

Ќе биде изведена една од најубавите, но и најпопуларните симфонии на сите времиња, „Симфонија на тажни песни“ или позната и како Симфонија бр. 3 од современиот полски композитор Хенрик Миколај Горецки.

Воедно, симфонијата ќе ја доживее и премирната изведба од страна на оркестарот на Македонската филхармонија.

Како солист ќе се претстави македонската оперска дива, извонредната Ана Дурловски, а зад диригентскиот пулт повторно ќе застане врвниот маестро Емил Табаков од Бугарија.

„Симфонијата на тажни песни“ се смета за една од најдобрите симфонии на сите времиња, чија популарност ја стекна не само во сферата на класичната музика, туку и во поп-културата. Создадена е во 1976 година, а полската агенција ПАП ќе наведе дека снимката (плочата) е продадена во повеќе од милион примероци. Всушност, ова дело своевремено стана најпродаваното издание на некој современ композитор. Симфонијата е инспирирана од темите на војната и разделбите, од нацистичките логори за време на Втората светска војна. Изведена е по повод комеморацијата на холокаустот во 1992 година со Лондонскиот симфониски оркестар, под палката на Давид Цинман и сопранот Даун Апшоу, кога доживеа фантастичен успех на сите листи во САД и во Велика Британија, а бројот на продадени ЦД-а ја премина бројката од еден милион. Кога новинарите го прашале Горецки да ја искоментира изведбата, тој само одговорил: „Ајде малку да молчиме за тоа“. Ниту еден класичен композитор, всушност, не достигнал таква комерцијалност како Горецки со ова дело. Тој е водечка фигура на полската авангарада за време на постсталинизмот. Под влијание на Веберн, на почетокот ги создавал своите дела во серијална техника, а потоа под влијание на Луиџи Ноно, Карлхајнц Штокхаузен и Кшиштоф Пендерецки го проучува т.н. дисонантен модернизам. Потоа се фокусира на духовниот минималистички звук кој го најавува во Симфонија бр. 2 и го заокружува во Симфонија бр. 3. Негови познати дела во оваа насока се и „Беатус Вир“, химната „Мизерере“, „Мал реквием за една Полка“ или реквиемот „Добра Ноќ“…

 

 

БИОГРАФИИ:

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот за композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Од 1976 до 1979 година работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кој остварува значајни концерти низ светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987 година е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година, маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар. Од 2002 до 2008 година, тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… Маестро Табаков диригирал и многу оперски спектакли во Венеција и во Торино, на пример, а на репертоарот на овој диригент се наоѓаат многубројни симфониски оперски дела, од класичните, романтичните и од современите композитори, диригирајќи концерти со национални оркестри на Франција, Русија, Грција, Турција. Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 ЦД-а), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. За неговите творби е наградуван од Сојузот на бугарските композитори, а голем број од овие композиции се веќе ставени на компакт-дискови. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградатаЛичност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од 100-те најдобри професионалци за 2012 година.

 

Поради нејзиниот несомнен квалитет, огромен талент, музикалност и нескриена жар за музика, Ана Дурловски (1978) со право ја нарекуваат македонската и светска оперска дива. Таа е првиот уметник од Македонија што настапи на сцената во престижниот „Метрополитен“ во Њујорк, а зад неа се и мноштво улоги што ги реализира и на реномираните сцени низ Европа. Родена е во Штип. Магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, по што продолжува на специјализација во Виена во Камерното студио на КМС Оливера Миљаковиќ. На 21 година дебитира на сцената во Македонската опера и балет со улогата на Лучија во операта „Лучија од Ламермур“. Уметничкиот пат ја води во Операта во Мајнц, Германија, па до Виенската Штац опера, и до сите оперски куќи во Берлин, Франкфурт, Минхен, во Кралската опера во Мадрид… Ана Дурловски е постојан член на ансамблот на Операта во Штутгарт и е првенец во Македонската опера и балет во Скопје. Покрај концертната активност, таа ги носи улогите на Гилда во „Риголето“, Амина во „Месечарка“, Олимпија во „Хофманови приказни“, Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“, Виолета во „Травијата“, Зербинета во „Аријадна на Наксос“… Добитничка е на значајни награди и признанија, меѓу нив и на наградата „Маријана Радев“ на Република Хрватска за најдобар оперски изведувач, на театарската награда „Фауст“ за најдобар оперски изведувач во 2012 година во Република Германија, прогласена е за доживување на 2012 година од страна на оперското стручно списание „Опернвелт“ и е номинирана за најдобар изведувач во 2013 година од истото списание, како и на македонските награди „Виртуози“ и државната награда „23 Октомври“. Во престижната њујоршка оперска куќа „Метрополитен“ дебитираше во октомври 2014 година со улогата на Кралицата на ноќта и го освои срцето и на светската музичка публика. Пееше и во премиерата на операта „Беренике“ од Јомели во Државната опера во Штутгарт, во режија на еден од најдобрите режисерски тандеми – Јоси Вилер и Серџо Морабито, а настапи и на престижниот фестивал „Бајрот“, посветен на творештвото на Вагнер. Министерството за култура ѝ ја додели титулата национален уметник на Република Македонија.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top