| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на слики, цртежи, фотографии, и перформанс на Драгољуб Бежановик-Бежан во МКЦ

На 1 ноември во 20 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар ќе се отвори изложба на слики, цртежи, фотографии, објекти, ситна пластика и перформанс на Драгољуб Бежановик-Бежан, насловена „Back 70th“.

Вечерта по отворањето ќе се одржи и хепенинг, Хипи диско вечер со задолжителен дрес код хипи.

Роден 1951 во Крушевац, одвај завршува Училиште за применета уметност (графика) во Скопје. Педагошка академија во Скопје завршува за време на една година. Од 1975 до 1990 бил член на ДЛУМ. Награди и одликувања нема, а нема ни да има. Моментално работи и живее како слободен уметник во Вијцхен – Холандија.

– Оваа изложба ќе се отвори точно по 30 години од моето последно претставување во Македонија во 1987 во Центарот за култура и информации во Скопје. Но, исто така повеќе од 42 години од мојата прва закажана самостојна изложба во тогашниот Дом на млади (МКЦ), која без конкретна причина се откажа. На ова изложба ќе бидат изложени дела главно предвидени и на неодржаната изложба тогаш и фактички таа ќе се отвори годинава, по 42 години со едно извонредно значење за мене лично, но и воопшто за пошироката јавност. На изложбата ќе имаме можност да погледнеме и да анализираме што во тие години било спорно да се изложи и дали тоа што е креирано тогаш во тоа време можело да биде причина на чуварите на масовната мисла да застанат во одбрана од вакви ликовни остварувања  – изјави Бежан за претстојната изложба во МКЦ.

Животот на уметникот како уметничко дело и уметничко дело како трага (понекогаш ненамерна и случајна) од тој живот е начин на живеење што Драгољуб Бежан секогаш ќе го поврзува со она бунтовничко време на длабоки промени кога тој почна да се занимава со уметност. Време кога уметноста беше разбрана како живот, а животот како потрага по слобода. А слободата постојано се измолкнува и бега, таа е недофатлива и го принудува уметникот да е во постојано талкање, во постојано движење, постојано на пат, постојано жив во вистинското значење на глаголот „живее“…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top