Младинскиот културен центар распишува повик за избор на 20 авторски цртежи, кои ќе се реализираат во рамки на проектот „Градот убав“. Повикот е отворен за домашнитe ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити уметност. Повикот како и апликацијата за учество може да ги најдете на веб страницата www.mkc.mk
Идејата е во рамки на еден од најзначајните објекти од современо Скопје – објектот на Градскиот трговски центар, да се интегрира првата галерија на отворено, посветена на уличната уметност и графити културата. „Градот убав“ е темата со кој ќе го започнеме овој уникатен културен проект.
Целта на оваа интервенција е да се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје, кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963-та година. Покрај промоцијата на домашните уметници пред јавноста, со оваа интервенција ќе му се даде дополнителна функција на овој архитектонски атрактивен простор.
Настанот ќе се реализира на 15 и 16 јуни, а на 17 јуни 2018 година ќе се случи официјалното отворање на галеријата.
Локацијата на настанот е автобуската постојка во склоп на Градскиот трговски центар – Скопје, на потпорниот ѕид во кој ќе бидат формирани 20 полиња за работа.
Иницијатор на овој настан е архитектот и уметник Филип Конески, а организатори се Младинскиот културен центар, Град Скопје и Градски трговски центар – Скопје.
Проектот е дел од програмата CreArt (Network of Cities for Artistic Creation).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.