| четврток, 6 декември 2018 |

Гала-концерт и „Кавалерија рустикана“ за почеток на новата сезона на Операта

Македонската Опера во вторник, 31 октомври, ќе ја почне сезоната 2017/2018 која ќе биде во знакот на одбележувањето 70 години од нејзиното постоење.

Вечерта ќе започне со гала оперски концерт под диригентство на Бисера Чадловска, на кој ќе настапат солисти-првенци на МОБ со арии од Пучини, Маскањи, Џордано и Масне.

Во вториот дел од вечерта премиерно ќе биде изведена операта во еден чин „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи на италијанскиот режисер Џандоменико Вакари. Таа е прва опера изведена во Македонија во 1947 година. Во новата постановка диригент е Џанлука Мартиненги од Италија.

Режисерот Вакари на прес-конференција по повод премиерата истакна дека „Кавалерија рустикана“ е значајна зашто се смета за порта за италијанската опера во 19 век.

Сценограф на претставата е Зоран Николовски, костимите ги изработи Елена Дончева. Настапуваат: Весна Ѓиновска-Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Борис Трајанов, Николина Јаневска и Марика Поповиќ. Репризата е на 3 ноември кога диригент ќе биде Иван Еминовиќ.

Седумдеценискиот јубилеј од постоењето на Операта, МОБ го одбележува во текот на целата година со цел да го претстави целиот ансамбл и солистите кои се дел од оваа институција. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top