| четврток, 6 декември 2018 |

Регистрирани голем број на нерегуларности, повлечени набљудувачи

Од почетокот на гласањето до сега се нотирани три случаи на притисок врз мониторинг тимовите на ЦИВИЛ, и тоа во општините Штип, Кавадарци и Сарај, соопшти невладината Цивил на прес – конференција. Тие одлучиле да ги повлечат своите набљудувачи од Сарај, каде и на првиот изборен круг се нотирани изборни нерегуларности.

– Ги повикуваме институциите, особено ДИК, да ја провери кондицијата на лицата ангажирани во своите тела, а препорачување МВР да ја засили својата контрола во овој дел од општина Сарај и да помогне изборниот процес да се одвива непречено – изјавиле од ЦИВИЛ на прес конференција.

Член на избирачкиот одбор на ИМ 2447/1 упатил крајно сериозни закани врз мониторинг тимот на ЦИВИЛ, кој се наоѓаше на тоа и на ИМ 2447 во село Ласкарци, општина Сарај. Настанот се случил нешто по 11 часот. Заканите дошле од лицето, член на ИО, кое било револтирано од присуството на набљудувачите на ЦИВИЛ, односно од извештаите на ЦИВИЛ од првиот круг на изборите.

– Изборниот молк се крши како воопшто да не постои забрана за партиска активност во текот на изборниот ден. Бараме од партиските структури изборната администрација веднаш да престанат со опструкциите на набљудувачите на ЦИВИЛ, нагласи претставникот на ЦИВИЛ.

На избирачкото место 0683 во Кавадарци, набљудувачка на ЦИВИЛ била спречена да влезе во избирачко место за да набљудува, со образложение дека на овластувањето не бил наведен број на избирачкото место. Избирачкиот одбор не е овластен да одредува кој и каде може да набљудува.

Во Штип, еден припадник на полицијата се обиде да ја ограничи слободата на движење на наш набљудувач и со тоа да го попречи во вршењето на неговата задача. Полицаецот постапил според законот и се повлекол пред аргументите на нашиот набљудувач.

 

Семејно гласање е нотирано во повеќе избирачки места во општина Студеничани, и тоа во ИМ , 2347/1 и ИМ 2345/1 во ОУ „Наим Фрашери”. Семејното и групното гласање, без реакција од избирачките одбори, продолжува, практично, непречено.

Во општина Липково, се нотираат случаи на семејно и групно гласање, и тоа во с. Липково, ИМ 1112/1, с. Слупчане ИМ 0024, и с. Отља во ИМ 1119 и 1119/1. Во општина Шуто Оризари, случаите на семејно и групно гласање се повеќе од чести и сосема вообичаени, без реакција од избирачките одбори. Особено чести се случаите на семејно и групно гласање во избирачките места во ОУ „26 Јули” во таа општина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top