Со новиот политички субјект на македонската политичка сцена ќе раководи поранешната членка на Обединети за Македонија и на ВМРО Народна, Билјана Јовановска.
Партијата за економски промени 21, која денес го имаше основачкото собрание, се најавува како партија со граѓанска опција која ќе се залага за драстични економски промени во земјата.
– Ќе делуваме во насока на конструктивни идеи предлози, до опозиција, до позиција, да се подобри стандардот, да се поддржи реалниот сектор за да се отворат нови работни места. Сакаме да го спречиме одливот на млади кадри надвор од државата – рече Билјана Јовановска.
Новата партија засега не размислува да коалицира со ниту една од поголемите политички опции, но останува отворена за соработка.
– За премногу краток период, за 30 дена оваа граѓанска партија ги направи сите подготовки за основачко собрание, беа собрание сите изјави и заверени на нотар. Најголем простор заземаат младите, 21 е број кој се однесува на младите, на нивната зрелост, духовна способност. Бројот 21 ни симболизира рамнотежа меѓу граѓаните и државата – рече Јовановска.
Според неа, основачите на Партијата за економски промени 21, се познати во својата област на делување,
стручни луѓе, и никој од нив досега не бил експониран јавно на политичката сцена и не носи никаков политички багаж. Јовановска се одлучи за формирање на нова партија по напуштањето на ВМРО-НП. За време на парламентарните избори во 2011 година беше во Обединети за Македонија, објави А1.он.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


