Со Концертот за пијано и оркестар бр.1 од Петар Илич Чајковски, Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе ја почне сезоната 2017/2018 во новата концертна сала. Концертот е симболично насловен „Нов почеток“, а сезоната почнува со мало задоцнување затоа што се довршуваа техничко-правните процедури за објектот.
Во вториот дел од програмата на вечерашниот концерт ќе бидат две дела кои се сметаат за капитални во оркестарската литература – „Римски фонтани“ од Оторино Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ оп.28 на Рихард Штраус.
На концертот од Чајковски, кој е еден од најпознатите за пијано и оркестар, ќе свири младиот пијанист Дино Имери. Концерт-мајсторот Ана Кондратенко вели дека во нејзината родна Русија овој концерт се свири на свадби, наоѓајќи симболика со нивното вселување во новата концертна сала.
– Тоа е една убава метафора. Како да ќе се земеме со новиот, нашиот објект, нашиот дом, рече Кондратенко на прес-конференција за најава на концертната сезона.
Објектот за единствениот симфониски оркестар во Македонија, кој постои 74 години и досега работеше во просториите на Домот на Армијата, почна да се гради во март 2009 година, а беше пуштен во употреба на 21 мај годинава но без технички прием.
Изграден е по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и има акустика и архитектоника по светски стандарди. Има две концертни сали – голема со илјада места и мала со 350, како и одделни вежбалници за изведувачи на разни видови инструменти.
– Ни се направи нешто кое го чекавме долги години. Сега веќе немаме оправдувања. Во превод значи дека имаме стадион и ни се потребни фудбалери да даваат голови, рече диригентот Борјан Цанев, кој ќе го води оркестарот на вечерашниот концерт.
В.д. директорот на Филхармонијата Виктор Илиески истакна дека ќе се обидат да ги задржат постојните, да ги вратат заборавените и да создадат нови вредности.
– Само до крајот на 2017 година ќе пречекаме врвни солисти и диригенти и ќе оствариме многу дела – бисери од домашната и од светската симфониска ризница, а во годините потоа планираме да го кренеме нивото и за неколку скалила погоре, најави Илиески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Македонската филхармонија на турнеја во Шпанија
-
Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун
-
Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан