| четврток, 6 декември 2018 |

Запленети 117 килограми марихуана од автобус со албански таблички

117 килограми висококвалитетна марихуана била запленета синоќа во автобус со албански таблички на граничниот премин Табановце, од страна на Царинската управа.

Дрогата била запленета кога за излез од земјава се пријавил автобусот со марка „Неоплан“, со крајна дестинација Белград во кој патувале дваесетина патници, а бил во сопственост и управуван од страна на албанскиот државјанин Е.Б. од Тирана, со втор возач К.Б. исто така од Албанија.
– Иако и патниците и возачите изјавиле дека немаат ништо да пријават за царинска контрола, фактот што возачите рекоа дека патуваат за Белград, а на шофершајбната на автобусот стои натпис Тирана – Скопје, беше доволен мотив за сомневање и пристапување кон детален преглед.  Исто така, според исказите на патниците, од моментот на тргнување од Тирана, па се до граничниот премин Табановце осомничените воопшто не го вклучиле системот за вентилација што укажало на фактот дека нешто не е во ред со климатизацијата во автобусот и дека тој простор е затворен со некоја „стока“ – велат од Царината.
Царинските службеници веднаш почнале со преглед. Со алат ги отвориле фабричките шуплини над предните и задните тркала преку багажниот простор на автобусот. Во една од шуплините пронашле 48 пакувања обвинени со индиго и најлонска фолија полни со марихуана. Потоа, при преглед на внатрешноста на автобусот и во просторот за вентилација над седиштата најдени се уште 96 пакувања со различна тежина.
Вкупната тежина на сите 144 пакувања, како што информираат од Царината, е околу 117 килограми. Шверцерите на дрогата признале дека биле договорени дрогата да ја предадат на српски државјанин во Белград, а потоа да продолжат кон Германија.
Од почетокот на годината, на граничните премини на државава откриени се вкупно 13 случаи на пренос на дрога. Вкупната заплена на марихуана до сега е  640 килограми, од кои девет случаи се откриени на граничниот премин Табановце – излез од државата каде се запленети 306 килограми марихуана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top