| четврток, 6 декември 2018 |

Светската премиера на „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски го вжешти фестивалот во Сао Пауло

На премиерата филмот го претстави директорката на фестивалот Рената де Алмеида и ќе има вкупно пет проекции во програмата специјални презентации

Петтиот игран филм Милчо Манчевски „Бикини Мун“ на 21 октомври ја доживеа светската премиера на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, најголемиот фестивал во Латинска Америка и еден од најголемите во светот.

На премиерата филмот го претстави директорката на фестивалот Рената де Алмеида и ќе има вкупно пет проекции во програмата специјални презентации.

Манчевски пред премиерата учествуваше на дебата на тема „Моралноста и документарниот филм“, а по проекциите има разговор со бразилската публика.

– Многу ме израдува бразилската публика: ангажирана, фокусирана, активна, подготвена за учена дискусија, за прашања, за опсервации и пофалби. Разговорот стварно беше одличен, длабок. ‘Бикини Мун’ е филм кој бара многу од публиката, не е филм кој се гледа со едно око и публиката во Сао Пауло потврди зошто одлучивме баш тука да ја имаме светската премиера. За филмот допрва почнува животот, ама за мене заврши ова поглавие на најубав начин – изјави режисерот Манчевски.

Куриозитет е дека првпат играат два филма од ист автор на еден фестивал – светска премиера на „Бикини Мун“ и бразилска премиера на кусиот експериментален „Крајот на времето“.

Интересот за присуството на Манчевски во Сао Пауло е голем, денот на премиерата беше резервиран за бројни интервјуа за бразилските и меѓународните медиуми. Меѓу нив имаше и разговор со бразислкиот професор Родриго Фонсека, кој  филмот „Прашина“ на Манчевски го предава како пример за постмодерна.

Манчевски е популарен во Бразил уште од „Пред дождот“ што освои награда токму во Сао Пауло и беше филм на годината и во оваа и во други земји во Латинска Америка. Во Сао Пауло јужноамериканска премиера имале и сите филмови на Манчевски, а на универзитетите во Бразил и Латинска Америка неговите филмови се дел од образовната програма.

Новиот филм на Манчевски е за Бикини, харизматична, темпераментна и неспокојна поранешна жена-маринец, која се враќа од Ирак и ненамерно станува центар на документарен филм, додека се обидува одново да се интегрира во општеството и да си го поврати старателството врз малата ќерка.

Манчевски вели дека „Бикини Мун“, што има формат на лажен документарец, зборува за експлоатација на единката од страна на медиумите.

– Инспирација беше доминацијата на снимање денес – од прислушување на Големиот Брат до селфи на Фејсбук. ‘Бикини Мун’ – како и моите досегашни филмови – зборува за природата на вистината, лагата и илузијата.  Филмот го има мирисот на Њујорк, снимен е на повеќе локации во градот кој ми е втор дом и многу го сакам. Имаме извонредно талентирана екипа – и актерска и филмска. На овој филм се изборив за апсолутна креативна слобода, без мешање од финансиери, продуценти или политичари, со целосна доверба и хармонична соработка. Ова е еден од ретките американски филмови каде што авторот има право на фајнал кат (право на финална верзија) – вели Манчевски за „Бикини Мун“.

Во насловната улога настапува Кондола Рашад, позната од новата ТВ-серија во САД „Милијарди“ и од бродвејската верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“ со Орландо Блум. Рашад е, инаку, ќерка на позната глумица Фелиша Рашад која се прослави со серијата „Козби шоу“.

Другите главни улоги Манчевски им ги додели на актерите во подем Сара Голдберг, Вил Џеновиц и Сатја Сридхаран.

Директор на фотографија е младиот њујоршки „вундеркинд“ Џошуа Вајнстин, а продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Лондон, верниот соработник на Манчевски кој соработува со него на сите негови филмови.

„Бикини Мун“ е снимен во Њујорк, и е копродукција меѓу САД, Германија и Канада. Ова е првиот филм на Манчевски во кој не учестува Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top