Обвинителството во Загреб денеска распиша меѓународна потерница за поранешниот претседател на управниот одбор на „Агрокор“ и основач на компанијата, Ивица Тодориќ, јавуваат хрватските медиуми.
Тодориќ е првоосомничен во аферата „Агрокор“ и се товари за незаконска имотна корист од повеќе од 130 милиони евра.
Доскорешниот шеф на „Агрокор“ е единствениот од вкупно 15 осомничени во аферата на кого загрепскиот суд му одреди притвор поради опасност од влијание врз сведоци, додека останатите се пуштени да се бранат од слобода.
За Тодориќ, кој е недостапен за хрватските правосудни органи, се претпоставува дека се наоѓа во Лондон.
Обвинителството го сомничи Тодориќ за прибавување на противправна имотна корист, односно дека во финансиските извештаи ги прикажувал работењето и финансиската состојба на „Агрокор“ како поуспешни од реалните резултати.
Покрај Ивица Тодориќ во случајот осомничени си и двајцата негови синови Иван Тодориќ и Анте Тодориќ, како и 12 менаџери и ревизори на „Агрокор“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.