| четврток, 6 декември 2018 |

Ердоган: Америка и ЕУ ги толерираат курдските терористички групи

 

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги обвини Европската унија и САД дека не покажуваат доволно солидарност со Турција во борбата против тероризмот.

Изјавата на Ердоган беше поттикната од потегот на силите на сириските Курди единици кои по преземањето на контолата над Рака од Исламската држава, вчера во градот развеаја огромен постер со ликот на лидерот на Курдската работничка партија (ПКК), Абдула Оџалан, кој е осуден на доживотен затвор во Турција.

– Тие велат дека се солидарни со нас во борбата против тероризмот, и одржуваат средби со нас на таа тема. Но, ние не им веруваме. Вие не сте со нас. Да бевте со нас, немаше да ги штитите терористите со вашите сили, им порача Ердоган на САД и на Европската Унија, кои ги сметаат курдските групи во Турција за терористичко движење, но соработуваат со сириските Курди во борбата против ИД.

Турскиот претседател го спореди поставувањето на постерот на Оџалан во Рака со истакнувањето на лик на некој терорист во француски град.

– Тоа ли е солидарност во борбата против тероризмот?, праша Ердоган на состанок на осумте најбрзо економски растечки муслимански држави во Истанбул.

Курдските групи освоија територии во северните делови на Ирак и Сирија, како резултат на граѓанските војни во овие две земји. Ирачки Курдистан неодамна гласаше на референдум за независност, по што се соочи со притисок од ирачката армија, додека сириските Курди се важен дел од сојузничките сили во борбата против ИД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top