Македонската филхармонија денеска во малата сала одржа прес-конференција на која беа соопштени сите детали за отворањето на новата концертна сезона, за целокупната програмска концепција, за новиот имиџ на институцијата, за техничките капацитети.
На пресот присуствуваше новиот директор на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, кој истакна дека за него е чест што пресот е одржан во малата концертна сала, една мала убавица, како што рече, и дека новинарите се први кои ја имаа можноста да ја видат.
-Задоволство ми е што ја имам честа да ја водам оваа институција, која по 74 години конечно го доби своето заслужено место. Сега ги имаме сите предуслови да го креираме се она што сме го замислиле. Имаме нова продукција, ново студио опремено со сите потенцијали како што и долкува на една сериозна институција, истакна Илиески.
Илиески истакна дека ќе се разубавува и зеленилото околу објектот. Македонската филхармонија оствари соработка со компаниите „Пакомак“ и „Нула Отпад“, како што рече Илиески, да се подигне свеста и за еден таков еко проект.
Тој потенцираше дека обезбеден е пристап до концертната сала и за сите хендикепирани лица.
Диригентот Борјан Цанев рече дека ќе зборува со музика на 25 октомври, на концертот на отворањето каде ќе застане зад пултот.
-Голема чест ми е да ја отвориме сезоната. Се направи нешто што го чекавме со години. Се подготвуваме интензивно. Имаме одличен тим и се надевам дека публиката ќе биде сведок на убаво доживување. Ќе имаме извонреден солист, пијанистот Дино Имери кој ќе го свири еден од најпопуларните концерти за клавир и оркестар од Чајковски, а вториот дел од програмата ќе биде посветен на капитални дела. Повторно го имаме Рихард Штраус, што на некој начин стана традиција со негово део да почне нова концертна сезона, рече Цанев.
Концерт-мајсторот на Македонската филхармонија, виолинистката Анна Кондратенко, рече дека во Русија Концертот за клавир и оркестар бр. 1 од Чајковски се свири на свадби, бидејќи е мошне популарен.
-Тоа е една метафора дека ние музичарите ќе се венчаме со новиот објект кој прекрасно звучи. Задоволство ни е да свириме, но и да вежбаме. Со љубов ја чекаме новата сезона, потенцираше Контраденко.
Македонската филхармонија има нов дизајн на печатениот материјал, нова веб страница www.filharmonija.mk и нов имиџ во однос на маркетиншката концепција.
-Сигурен сум дека Македонската филхармонија ќе продолжи да ги калеми успесите на претходните генерации филхармоничари, но и дека ќе создаде нови безвременски првокласни изведби низ соработките со домашни и сo светски врвни солисти и диригенти. Ќе се обидеме заеднички да ги задржиме постоечките, да ги вратиме заборавените, но и да создадеме нови вредности, рече Илиевски.
До крајот на 2017 година најавени се настапи на десетина врвни солисти и диригенти и многу дела – бисери од домашната и oд светската симфониска ризница, а, како што истакна директорот, во годините потоа планираат да го кренат нивото и за неколку скалила погоре.
-Што се однесува до репертоарските определби, нашиот домен на интерес во иднина нема да бидат единствено изведбата и негувањето на симфонискиот репертоар. туку и камерното творештво преку интензивна работа на нашиот камерен оркестар, но и отворањето можности за градење подмладок на наши ансамбли преку разни форми, објасни Илиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Концертот „Souvenir de Florence“ в сабота во Македонската филхармонија
-
Македонската филхармонија на турнеја во Шпанија
-
Бетовеновата „Деветта“ на сцената на Македонската филхармонија под диригенство на Густав Кун
-
Ѓорѓи Цинциевски, контрабасист: Македонија ја има најдобрата концертна сала на целиот Балкан