Музичката легенда Оливер Драгоевиќ во сплитскиот ХНК го одржа првиот концерт откако му беше дијагностициран рак на белите дробови. Со Теди Спалато, Џибони и Маријан Бан ја прослави 50-годишнината на Лига против ракот во Хрватска.
Прво се појавил со капа на главата, но набрзо ја извадил и открил дека останал без косата.
Како што пишува „Слободна Далмација“, концертот го започнал токму Оливер со песната „Кључ живота“, за која публиката го наградила со долг аплауз.
– Тоа е изгледа симболика, луѓето ја знаат историјата на болеста, знаат со што се борам, сочувствуваат со мене. Чест е да се биде дел од таа екипа што се бори за здравјето на луѓето, сосема волонтерски. Има резултати, луѓето се лекуваат и тоа е многу важно. Треба да се биде широк, треба да се сфати животот поинаку, да биде без напори, мислите да не се насочени кон материјалното, туку кон нешто што човекот го има во себе, а тоа, за жал, се случува дури кога си загрозен – рекол Оливер за „Слободна Далмација“.
Хрватските медиуми летоска објавија за тешката дијагноза на Драгоевиќ, а омилениот пејач потврди дека е болен.
– Да, болен сум и сега сум во процес на прегледи и анализи. Треба да се види со какви методи ќе се лекувам, пронајдено е туморно ткиво – рекол тогаш Оливер.
И покрај лекувањето, тој планира својот 70-ти роденден да го прослави со уште еден концерт во родниот Сплит, на 15 декември во Спаладиум арената.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.