Во рамки на годишното собрание, денеска најголемата стопанска комора на Малезија пред своите членови ги промовираше условите и можностите за инвестирање и развој на трговските односи со Македонија.
Како што најавија од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Р. Македонија по средбата на директорот Висар Фида и промотерот на Македонија во Малезија, Тони Атанасовски со претставници од малезиската комора во април годинава, интензивно продолжува соработката на Агенцијата и стопанска комора на Малезија.
Во Малезија се остварени средби со најугледните компании-членки на ова здружение. На средбите се дискутирало за можностите за организирање бизнис-форум на малезиски компании во Македонија.
– Релативно непознатиот пазар од овој регион, исто така, може да биде добра шанса за извоз на македонски производи. Посветуваме големо внимание на промоција на Македонија во Малезија и овој регион, сѐ со цел добро да ги искористиме сите можности за инвестирање и промоција на извозот – изјави директорот на Агенцијата, Висар Фида.
Малезија, како и другите земји-членки на АСЕАН (ASEAN), има капацитет за инвестирање надвор од регионот, а како посебно таргетирани се компаниите кои веќе имаат потреба од проширување на постојните капацитети и имаат постојана соработка и извоз во Европската унија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.