| четврток, 6 декември 2018 |

Со проекција на филмот „Трст, Југославија“ вечерва во „Милениум“ почнува Недела на италијанскиот јазик во светот

Во кино „Милениум“ вечер во 19 часот ќе биде отворена 17. Недела на италијанскиот јазик во светот, со проекција на филмот „Трст, Југославија” на младиот италијански режисер Алесио Боѕер.

Тема на ова издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот е „Италијанскиот јазик на големиот екран и во кинематографијата”. Неделата ќе опфати културни настани посветени на промоцијата и ширењето на италијанскиот јазик и култура, а особено на соодносот помеѓу италијанскиот јазик и светот на филмот. Организатор на настанот е Амбасадата на Италија во Скопје.

Пред проекцијата е најавено обраќање на амбасадорот на Италија, Карло Ромео, а по завршувањето авторот на филмот Боѕер ќе отвори дебата со публиката за неговото дело.

„Трст, Југославија” е документарен филм кој содржи сведоштва на обичните граѓани како и на некои познати личности (Раде Шербеџија, Горан Бреговиќ, Славенка Дракулиќ) за улогата на градот Трст, односно на Италија, како „порта” кон Западот за тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

– Трст не беше само место за пазарење, туку исто така и место за размена на култури и искуства, погранично место кое не треба да се подразбира како бариера и поделба, туку како размена и контакт, како одраз на многу блиските историски врски меѓу Италија и регионот на Балканот. Филмот е полн со анегдоти и спомени, слики од едно минато, историски и социјални рефлексии, со емотивни и комични лични сведоштва, соопшти организаторот за филмот „Трст, Југославија“ кој премиерно беше прикажан во јануари годинава.

Според авторот Боѕер, филмот е мозаик на приказни и сведоштва на актери, интелектуалци, филозофи, антрополози, историчари, музичари, но и обични луѓе од тоа време, кои ги споделуваат своите искуства, нивните патувања со автобус, воз или автомобил за да заминат во Трст.

Во продолжение е интервју со режисерот Алесио Бозер.

Алесио Бозер, италијански режисер: Филмот „Трст, Југославија“ е мозаик на приказни и сведоштва и од двете страни на границата!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top