| четврток, 6 декември 2018 |

Мнозинството граѓани ги легитимираа погубните политики на Заев и СДСМ

Лидерот на СДСМ Зоран Заев синоќа објави дека резултатите на изборите ги смета за поддршка на неговите политики. Мислеше на политиките на централно, на националнои ниво. Оние за кои многу граѓани беа против, се згрозуваа и противеа.

Политиките на редифинирање на Македонија. Имајќи во обзир дека тој на овие избори излезе со цел тој багаж, вклучувајќи го и законот за двојазичност, договорот со Бугарија, најавата за смена на името, зголемувањето на даноците, а не толку отворено но сепак доволно јасно и за носење на мигранти и за редифинирање на бракот, со можност за склучување на склучување на хомосексуални бракови и нивно посвојување деца. Се чини дека мнозинството од граѓаните преку гласањето не само за градоначалниците туку и за партиите, за советничките листи, му дадоа легитимитет за сите овие операции.

Народот има полно право да избере, но нема право да се лути кога ќе избере ако тоа што го избрал не го сака. После еден месец битка во Собранието на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за неносење на неуставниот закон за двојазичност, СДСМ доби повеќе гласови на изборите. Да, имаше нерегуларности и изборите не беа фер, но ако народот навистина беше против, ќе застанаше со такво мнозинство зад ВМРО-ДПМНЕ што ќе ги надминеше сите купени гласови и разни далавери кои СДСМ ги правеше на изборите. Тоа не се случи и Зоран Заев доби легитимитет за овој закон. Истото важи и за договорот со Бугарија, кој не е поминат во Собранието, и со договорот со Грција кој ќе биде на ист начин договорен наскоро, договор во кој Македонија ќе попушти се, а Грција речиси ништо. Слично и за мигрантите и за браковите и посвојувањата на деца, како и за покачувањето на дановите. Мнозинството граѓани на некој начин на легитимизираше политиката на бркање на странските инвеститори или во најмала рака недоаѓањето на многу нови.

ВМРО-ДПМНЕ 11 години беше на власт. Не дозволи промена на името и идентитетот, не прифати ваков договор со Бугарија, не прифати двојазичност на цела територија, не прифати мигранти да се доселат во Македонија, воведе најниски данови во светот и не ги зголеми дури ни во време на најголема светска криза, кога имаше алиби за тоа и сите земји зголемуваа даноци. За хомосексуалните бракот и посвојување деца не се ни помислуваше. Вчера мнозинството во Македонија даде нова насока.

Епа, нека е со среќа народе. Што си дробевевме, тоа ќе си сркаме. Што посеавме вчера, тоа и ќе жнееме. Барем за овие шест работи, не можеме да кажеме дека не знаевме или не бевме свесни.

Не може ни да кажеме дека не знаевме дека оваа власт е блиска со подземјето, дека за кратко ги ослободи од затвор најголемите криминалци добро познати на јавноста. Не можеме да кажеме и дека не знаевме дека новата власт е склона кон рекет, корупција и криминали, делење тендери на свои фирми на луѓе од власта, дека се подготвени за секакви измами кон народот. За кратко време, во 4-5 месеци тие се потрудија да се претстават во целосно светло, и не можеме утре да кажеме дека сме изненадени или затекнати. Тоа е изборот. Ќе си живееме со тоа и ќе си молчиме. Наш е изборот, на мнозинството во оваа земја.

Заев ја прими пораката на одобрување на неговите политики и се заблагодари на поддршката во говорот пред Владата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top