| четврток, 6 декември 2018 |

Австрија гласа за нов состав на Долниот дом на парламентот

Нешто над 6,4 милиони Австријци со право на глас денеска избираат нов состав на Долниот дом на австрискиот Парламент, Националниот совет.

Избирачките места во поголемиот дел од земјата се отворени од 7 часот и гласањето ќе трае до 17 часот, додека во некои покраини гласачкиот процес трае од 8 до 16 часот. Првичните резултати од изборите се очекуваат нешто по 19.30 часот.

Покрај традиционалното гласање за овие избори по пошта се испратени рекорден број од 889.193 гласачки ливчиња, што претставува околу 14 отсто од вкупниот број избирачи, чии гласови ќе бидат додадени на вкупните резултати во текот на утрешниот ден.

Во трката за 183-те места во Националниот совет на овие предвремени паралементарни избори, што се одржуваат една година пред редовниот термин, учествуваат 17 листи на партии и коалиции, од кои 10 на територијата на цела Австрија, а седум само во некои покраини. Сепак, се очекува во новиот парламентарен состав места да обезбедат само шест партии.

Последните анкети на јавното мислење покажуваат дека победникот на изборите ќе треба да се бара меѓу конзервативната Австриска народна партија (ОВП) на Себастијан Курц и десничарската популистичка Партија на слободата на Австрија (ФПО) на Хајнц-Кристијан Штрахе.

Според анкетите, ОВП може да очекува меѓу 30 и 34 отсто, а ФПО меѓу 27 и 32 проценти. На трето место е Социјалдемократската партија на Австрија (СПО) на канцеларот Кристијан Керн, која може да се надева на меѓу 23 и 27 отсто од гласовите.

Места во Парламентот се очекува да освојат уште Новиот австриски и либерален форум (НЕОС), кој ужива поддршка на меѓу пет и девет отсто од гласачите, социјал-либералната Листата на Петер Пилц, која може да се надева на меѓу четири и осум проценти и партијата Зелени – Зелена Алтернатива, за која ќе гласаат меѓу три и шест отсто од избирачите.

Доколку ваквите прогнози се остварат, Австрија ќе се соочи со неизвесност околу тоа кој ќе биде идниот австриски канцелар. Во трка за ова место се лидерите на трите водечки партии – Керн, Курц и Штрахе.

Имајќи го предвид очекуваниот распоред на силите во новиот Национален совет, речиси сигурно новата влада ќе ја формираат две од трите водечки партии.

Како најверојатна се смета идна влада на сегашните коалициски партнери СПО и ОВП, но не се исклучуваат ни други комбинации. Коалициска влада меѓу ОВП и ФПО, постоеше во Австрија од 2000 до 2007 година, а во јуни годинава и СПО најави дека е „во одредени околности би можела да се откаже од забраната за коалицирање со Партијата на слободата“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top