Победуваме за модерно и напредно Скопје, за Скопје каде има соживот и почитување, за солидарно Скопје. За Скопје кое се развива и Скопје кои нуди можости за сите, со решенија и шанси за сите, порача кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Коце Трајановски, од вечерашниот масовен митинг во Скопје.
-Легнувам и се будам со проблемите кои се реалност и со решенијата кои ги правиме за градот каде се родив, каде израснав, се школував, се вработив, создавав и оформив семејство. Скопје е наш град, отворен за сите. Град на мирот, град на солидарноста. Тоа е нашето Скопје. Јас не сум човек кој многу говори, јас сум човек кој сака, умее и знае да работи, кој посветено работи, кој гради, реконструира и ги подобрува условите во областа на зеленилото, инфраструктурата, нови булевари и кружни текови, во областа на сообраќајот, образованието, спортот, културата, социјала и други области. Наместо големи говори, јас и моите колеги градоначалници се одликуваме со нашите дела. Делата се оние кои зборуваат за човекот, кој се тука, се гледаат и чувствуваат. Работа наместо зборови. На Скопје му треба домаќин човек и тука сум да работам за секој еден граѓанин на Град Скопје. Слушам дека се фалат дека ќе донесат живот и воздух во Скопје. Скопјани не сакаат сеење магла, а уште помалку ги сакаат оние кои ја сеат маглата. Затоа на 15 октомври ќе ги стигне одговорот на граѓаните на Скопје и на Македонија, истакна Трајановски.
Тој пред граѓаните од цело Скопје истакна дека градот го очекува новата ера што доаѓа. Нова ера на зелено Скопје, со нови булевари, паркови, детски катчиња, модерни училишта, спортски терени и сали.
Наброја дел од проектите од неговата нова програма, значајни за сите граѓани на Скопје.
-Проекти за намалување на загадувањето на воздухот, како најчувствителна тема, проекти за подигнување на нови 500.000 м2 парковски површини за зелено Скопје. Проширување на проектот Вело Скопје, преку изградба на нови Вело рути, со цел подигнување на свеста кај граѓаните за велосипедот како превозно средство. Проекти преку кои градот Скопје ќе се вброи во технолошко развиени и паметни градови, проекти за пренамена на фреквентни сообраќајници во пешачки зони во централно градско подрачје, проекти за мотивирање на поголема мобилност на граѓаните преку кампања за денови без автомобили во текот на месецот, истакна Трајановски.
Во изборната програма на Трајановски се предвидени проекти за сите 10 скопски општини.
Тој најави ново средно училиште во општина Аеродром, работа на проектот за нова пречистителна станица за Скопје, изградба на нов Луна Парк. Дел од неговата програма е и уште еден излез од Аеродром кон Центар со мост на реката Вардар.
Најави изведба на кружен тек кај Момин поток во Карпош, изведба на Јужен булевар позади Рамстор во Центар, продолжување на булевар „Борис Трајковски“ четврта фаза до Драчево во Кисела Вода. Ќе се продолжи булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ кон заобиколница кај Чаир и Бутел.
Трајановски вети проширување на булевар „ Никола Карев“, поранешна Пластичарска улица во Чаир. Ќе се реконструира улицата „Инидира Ганди“ во Шуто Оризари, ќе се прошири булевар „Александар Македонски“ кај влезот во Скопје во Гази Баба. Ѓорче Петров ќе добие нов кружен тек, а ќе се реши проблемот со водоснабдувањето на селата Букович и Ласкарци во Сарај.
-Скопје е и ќе продолжи во уште поголема мера да биде град на среќни и насмеани луѓе, луѓе кои се вработуваат и имаат поголеми примања. Скопје ќе биде пример за еколошки град, град на практичните и подобрени решенија. Тоа е мојот сон, за нашето Скопје кој верувам дека ќе го остварам. Скопје каде што младите ќе имаат шанси да дојдат до свој дом по поволни цени е она на што ќе инсистирам. Скопје кое на семејствата во социјален ризик ќе им ослободи дел од од трошоците. Скопје кое е модерно и во кое сообраќајот е поефикасен, улиците и булеварите побезбедни, пошироки и пофункционални, тоа е идејата која ќе ја спроведеме. Скопје Вело метропола во која велосипедистите ќе имаат можност безбедно да возат по велосипедски патеки и ленти. Скопје кое отвора нови работни места и нови фабрики е нашата цел која ќе ја оствариме. За да го направам сето ова потребен е тим. Водењето на градот Скопје е тимска работа, затоа е потребно да гласате и да ги поддржите кандидатите за градоначалници од коалицијата „За подобра Македонија“ во скопските општини. Многу е полесно кога имате градоначалник на општина која сака да соработува, кој работи домаќински и кој се води од помислата да направи нешто повеќе, истакна Трајановски пред огромниот број на скопјани на митингот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Од граѓаните на Скопје побара освен него, да ја поддржат и неговата советничка листа затоа што секоја поважна одлука и проект на градот Скопје поминува низ советот и воопшто не е сеедно или неважно каква ќе биде поддршката.
-Листата на советници предводена од Христијан Мицковски е вистинскиот избор за град Скопје. Таму е и мојот иден заменик градоначник на Град Скопје Мухамед, заедно со Ирена, Михајло, Јован, Светлана, Јелена, Али, Владо, Саит, Ерџан, Иван, Ивона, Мирдита и останатите кандидати за советници на советничката листа, тоа ќе биде мојот тим за Скопје. Тоа ќе биде тимот со визија, тимот кој секогаш се одликувал и ќе се одликува со работа за подобра Македонија. Јас ви ветувам дека ќе продолжам да се борам за сите граѓани во сите 10 општини, за сите националности, од сите политички партии, стари и млади, мажи и жени, бидејќи тоа сум јас! Работа и само работа. Скопје ќе продолжи да оди напред и да влезе во ерата на уште поголем напредок и развој, бидете сигурни во тоа. Го имате мојот збор. Работиме и не се штедиме. За вас, за подобри општини, за подобар живот. Секогаш работиме за подобро Скопје, порача вечерва Коце Трајановски, актуелен градоначалник на Скопје и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за истата функција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.