| четврток, 6 декември 2018 |

Бранислав Светозаревиќ: Оваа можеби е најуспешната година во работењето на Музејот на македонската борба

Неодамна Музејот на македонската борба беше домаќин на доделувањето на награда за најдобар музеј во Европа – „Микелети“ во 2017 година, што ја доделува Европската музејска академија. Станува збор за еден од најпрестижните настани кој секоја година на едно место собира музеолози, професори и експерти за презентација на врвните достигнувања од музеологијата денес.

Во рамки на овој настан се одржа и меѓународен музеолошки семинар на кој беа презентирани најновите трендови во европската музеологија. На семинарот учествуваа европски стручњаци, а музејските работници од Македонија се запознаа со најновите достигнувања во музејската дејност. Од друга страна, одржувањето на овој значаен настан истовремено е и одлична можност учесниците и гостите од Европа да се запознаат со културно-историското богатство и туристичкиот потенцијал на градот Скопје и на Република Македонија.

Музејот на македонската борба во 2013 година во Бурса, Република Турција, како финалист за наградата „Микелети“ во конкуренција на 21-на врвна институција од Европа, од страна на Европската музејска академија доби посебно признание за ентузијазмот и за големите достигнувања во зачувувањето на националното богатство, во европски рамки. За наградата „Микелети“, но и за плановите на Музејот на македонската борба разговаравме со д-р Бранислав Светозаревиќ, директор на Музјеот на македонската борба.

Годинава, Музејот на македонската борба беше домаќин на годинашната конфренција на Европската музејска акадамија на која се доделуваат награди на музејските институции. Како Музејот ја доби оваа чест?

СВЕТОЗАРЕВИЌ: Поминаа четириипол години откако Музејот на македонската борба ја доби специјалната награда на Европската Музејска Академија (ЕМА) за ,,особени дистигнувања во зачувувањето на националното културно-историско наследство во европски рамки’’, во Бурса, Р. Турција во 2013 година. Од тогаш до денес Музејот освои уште неколку признанија на меѓународно и национално ниво.  За овие шест години работа на Музејот, од неговото отворање, се стекнавме со голем број на пријатели низ Европа, благодарение на меѓународните признанија, соработката со музеи од Европа и Азија, како и нашето претставување на музеолошките факултети на универзитетите во Лејчестер во Велика Британија, Санпетербуршкиот универзитет во Русија, Приморскиот универзитет во Словенија и неколку универзитети од Кина. Бевме домаќини и организатори на изборот за најдобар музеј во рамките на Форумот за словенски култури па така што стекнавме максимална доверба за оргнизирање и на најголемиот музеолошки  настан во Европа за оваа година.
Колку музеи учестуваа во трката за наградите и во колку категории се доделуваа признанија?
СВЕТОЗАРЕВИЌ: На годинешнава конференција учествуваа 35 музеи од 28 држави. Оваа бројка доволно говори за грандиозноста на настанот. При тоа вредно е да се спомене дека на конференцијата учествуваа околу 120 музеолози од Европа и Р. Македонија. Во трка за наградите беа 35 музејски институции од дваесеттина земји од Европа. Наградата Микелети за најдобар музеј во Европа ја освои ГПО Историскиот центар од Даблин, Ирска (GPO WITNESS HISTORY VISITOR CENTRE), посочен како исклучителен пример на музеј кој отвора емотивни историски прашања преку нивна трансформација во пораки за помирување. Посебно признание доби музејот Алпинариум од Галтур, Австрија, а наградата ДАСА која се доделува за особени достигнувања во едукацијата во музеите заврши кај Музејот за дизајн од Копенхаген. Музејот е посочен како современа динамична институција отворена за посетители од сите возрасти и посветена на доживотното учење. Освен презентациите на кандидатите за награди, на конференцијата се разменија и идеи и мислења за врската на музеите и туризмот и нивниот придонес во локалната економија. Во рамки на конференцијата, на 29 септември свечено беа доделени наградите Heritage in Motion за иновативни проекти во културното наследство. На церемонијата во МНТ беа доделени награди во неколку категории за достигнувања во мобилни апликации, веб и оналјн  содржини и  мултимедија, а наградата за најдобро достигнување ја добија Историските кралски палати од Лондон.
Дали имавте и посебни гости на Конференцијата?
СВЕТОЗАРЕВИЌ: Конференцијата беше на највисоко музеолошко ниво, кога зборуваме за присуство на авторитети, како што се членовите на бордот, меѓу кои беа врвни универзитетски професори, директори на познати музејски установи како што се: Масимо Негри од Италија – директор на ЕМА, Андреја Рихтер од Словенија – претседател на ЕМА и Директор на Форумот на словенски култури, Вим Ван дер Виеден од Холандија – претседавач на ЕМА, Ен Николс од В. Британија – секретар и координатор, Претседателката на асоцијацијата на европските национални музеи НЕМО – Џулија Пигел, но и важни личности од општествениот живот на Европа, како што е принцезата Сибила де Луксембург од кралството Луксембург и т.н.
Освен презентација на наградите, за што друго се искористи тридневната конференција во Скопје?
СВЕТОЗАРЕВИЌ: Конференцијата, покрај доделувањето на наградите за најдобар музеј во Европа имаше уште две значајни содржини. Во првата, присутните гости беа учесници на предавањата од истакнати професори и музејски работници од Европа и Р. Македонија на тема: Музеите и туризмот и втората содржина беше посета и запознавањето со културно-историските знаменитости на градот Скопје и неговите туристички потенцијали. При тоа сите гости имаа можност да ги посетат: Музејот на македонската борба, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Музејот на холокаустот, Музејот на Мајка Тереза, Музејот на современа уметност, Музејот на град Скопје, Уметничката галерија, Старата скопска чаршија, црквата Св. Спас, Кањонот Матка со старата хдроцентрала, Македонско село во с. Нерези со етнолошкиот музеј, Манастирот ,,Св. Пантелејмон’’ и др. Места. Освен, тоа, гостите се запознаа и со дел нематеријалното културно наследство. Ансамблот ,,Македонија’’ ги изведе ,,Тешкото’’, ,,Копачката’’ и дел од гласоечкото пеење, а втората вечер во МНТ имаше концерт на групата ,,Фолтин’’.
Кои се идните планови на Музејот на македонската борба?
СВЕТОЗАРЕВИЌ: Во тек е изложбата посветена на празникот ,,11 Октомври’’, а деновиве се подготвуваме за една голема регионална конференција на УНЕСКО, како и одбележувањето на ,,23 Октомври’’. До крајот на годината сме повикани на некои светски музеолошки конференции на кои ќе ги пренесеме искуствата и резултатите на нашата установа по барање на организаторите. Сметам дека со тоа ќе се заокружи уште една успешна, ако не и најуспешна година во работењето на Музејот на македонската борба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top