| четврток, 6 декември 2018 |

Џордан: Два супер тима ќе и нанесат штета на НБА лигата

Најголемиот кошаркар на сите времиња, Мајкл Џордан, не е фан на ерата на супер-тимови во НБА лигата.

Мајкл Џордан одамна ја заврши кариерата и сега ужива како сопственик на НБА тимот Шарлот Хорнетс. Во интервјуто кое тој вчера го даде за магазинот Cigar Aficionado тој изјави дека не му се допаѓа начинот на кој се распределени силите во моментот во лигата.

-Не мислам дека супер-тимовите ѝ помагаат на лигата, од компетитивна смисла. Ќе има два тима кои се премногу силни и останатите 28 тима што ќе бидат ‘ѓубре’, изјави Џордан.

Тој веројатно зборуваше за насобраниот талент кој го имаат Голден Стејт Вориорс и Кливленд Кавалирс во однос на другите тимови во лигата.

Голден Стејт Вориорс освоија две од последните три шампионски титули, додека Кливленд освоија една, и во сите три последни финалиња се сретнаа овие два тима.

На истата тема се зборува веќе неколку години, па дури и комисионерот Адам Силвер проба да најде решение за овој „проблем“.

-Луѓето сакаат да гледаат супер-тимови, и од финансиски аспект не би требало да ме загрижува нивното формирање. Но сакам да го ограничиме формирањето на супер-тимови поради компетитивноста на регуларната сезона, за да имаме поинтересни и неизвесни натпревари, изјави Силвер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top