Славниот српски режисер и сценарист Горан Марковиќ деновиве е во Скопје каде што е гостин на Фестивалот на дебитантски филмови „Киненова“. Тој денеска во Кинотека на Македонија одржи мастерклас на тема „Актерската игра во крупен план“. Со студентите од Факултетот за драмски уметности кои присустуваа на предавањето тој сподели дел од своето богато искуство како режисер, но и како професор на Факултетот за драмски уметности во Белград.
Марковиќ (1946) е син на славните српски актери Раде и Оливера Марковиќ. Во неговата биографија се запишани над 50 документарни филмови, 11 играни филмови, а напишал и 10 сценарија, шест театарски претстави, режирал три претстави во театар, напишал и три книги…
Тој е добитник на две награди „Златна арена“ во Пула, награда за најдобра режија на филмот „Тито и јас“, во Сан Себастијан, Гран при за „Кордон“ во Монтреал, и Стеријан награда за најдобар современ текст за „Турнеја“. Во 2012 година е одликуван со Француски орден офицер на уметност и книжевност.
Неговите филмови се еден вид мапа на југословенската и српската историја од 70 години на минатиот век до денес. Филмовите на Марковиќ се наоѓаат на листата на 100-те најдобри филмови во југословенската кинотека.
Дел од неговиот богат опус се: „Национална класа“, „Мајстори, мајстори“, „Вариола вера“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Тито и јас“, „Урнебесна трагедија“, „Кордон“, „Турнеја“, „Фалсификатор“…
На репертоарот на малата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) е неговата претстава „Говорна мана“ во режија на Драгана Милошевски – Попов, а улогите ги толкуваат Игор Џамбазов, Сашка Димитровска и Ивица Димитријевиќ.
– Јас бев 34 години професор и на почеток предавав предмет кој се викаше ’Работа со актери’. Подоцна предметот го преименував во ’Глума пред камера’ бидејќи имаше потеба да се објаснат специфичностите на филмската игра, како на актерите, така и на режисерите. Кај нас на факултет, глумците главно учат како да играат во театар. Многумина од актерите, кои веќе завршиле факултет, доаѓаа на снимање, ама беа збуенти, не знаеја што да работат. Не е можно ’екс катедра’ да се предава уметност. Моите студенти уште на првото предавање во прва година ги учев дека факултетот не е место каде што се учи како да бидеш уметник. Тоа едноставно е мистерија. Не можеш на некој факултет да научиш да бидеш уметник. Таму може да стекнете одредени знаења, да чуете за искуствата на другите, да ги запознаете луѓето од својата генерација. Затоа е факултлетот добар. Уметноста е приватен проблем. Уметниците се луѓе кои сами со себе се создаваат. Затоа е нерелно да очекуваш од факултетот да станеш уметник – смета Марковиќ.
Тој говореше за потребата да постои соработка меѓу режисерот и актерот. Според него, многу е важно тоа да не се претвори во игра на моќ на режисерот.
– Режисерот е должен да ја елиминира таа игра на моќ. Кога режисерот и глумецот ќе почнат да зборуваат за текстот, тогаш почнува таа соработка. Тие не мора приватно да бидат пријатели. Но, на тој проект мора да почнат да создаваат еден вид интима, за да направат нешто знаедно – вели Марковиќ.
Тој признава дека многу често оди во театар и од таму ги бира своите актери за филмовите.
– Имам неколку актери со кои работам постојано, но редовно одам во театар бидејќи таму се гледа што може актерот најдобро да даде од себе – вели режисерот.
Според него, режисерот не треба да му каже на актерот како да глуми, туку тие двајца треба да се договорат.
– Никогаш не треба да му кажете на еден актер како да глуми. Тоа е пропаст. Тоа е бесмислено. Режисерот мора од актерот да ја добие неговата креација. Добар метод е кога режисерот на актерот ќе му каже како не треба да глуми – вели Марковиќ.
Славниот режисер смета дека добра режија е отсуство на режија.
– Добрите режисери создаваат магија во која гледачот има чувство дека тој ги направил кадрите, а не режисерот. Добри режисери се оние кај кои акттерите играат добро, камерманот снимил одлично, музиката е многу интересна, сценариото е исклучително, а режија нема – вели Марковиќ.
За него, крупниот кадар во филмот е интима и такво нешто не постои во животот, освен во филм.
– Крупен план е момент кога вршите одредено насилство. Му скокате на човекот во лице. Тоа е една исклучителна ситуација која треба внимателно да биде изработена. Зборовите губат смисла во крупен план. Некои работи е подобро да бидат прикажани индиректно, отколку директно – вели Марковиќ.
Во чест на Марковиќ вечерва во 22 часот ќе биде прикажана специјална проекција на неговиот последен проект „Слепи патници на брод со лудаци“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Три фантастични филмови на Зеки Демиркубуз- enfant terrible на турската кинематографија во кино „Милениум“
-
Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“: Нема поубава работа од тоа да си го одржите личниот, но и колективниот интегритет на високо ниво
-
Репризни проекции на филмовите наградени на „Киненова“
-
Денеска завршува програмата за Европско културно наследство на „Киненова“