Искрено и од се срце го поздравувам вашиот ентузијазам, вашата љубов, вашата решителност. Остануваат само уште неколку дена, и мигот на одлучување од кој ќе зависи по кој пат Македонија ќе тргне. Дали ќе продолжи слободниот пад или тој ќе биде сопрен, и ќе започне новата ера. Се приближуваме до 15. октомври. Вие добро знаете дека ова не се обични локални избори. Вашата одлука е многу важна – не е само, уште една обична одлука. Ние не гласаме на овие избори за да донесеме само градоначалници, и советници за нашите градови, туку сите ние заедно ќе одлучиме каква ќе биде Македонија после 15-ти октомври.
Ова денеска од Прилеп го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, посочувајќи им на граѓаните дека нивната одлука е конечна и оти тие го имаат последниот збор.
-Ова е Ваш град, ова е наша држава, ова е Ваша одлука и ничија друга. Запомнете дека само граѓаните на Македонија, вие одлучувате за заедничката иднина, за иднината на нашите градови и за иднината на нашата држава. Ние ја добиваме нашата моќ и сила од Македонија и народот на оваа земја. Нашата сила произлегува од нашата љубов кон нашиот народ и нашата љубов кон нашата земја. Ја сакаме нашата земја, со целиот наш народ, сите градови, сета радост, ентузијазам и возбуда. Нашата љубов е заедничка со нашиот народ. Нашата љубов е заедничка со нашата земја, истакна Груевски.
Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не се од оние кои бараат гласови, ги добиваат и уште наредниот ден ги забораваат луѓето.
-Ние не сме едни од оние кои ги бараат гласовите на граѓаните, а ја добиваат својата сила од други, кои имаат поддршка од друго место. Кои велат поддржете не за да продолжиме да работиме за други интереси. Не, ние не сме тие. Ние сме партија на граѓаните на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ е партија на граѓаните на Македонија и ние сме гаранција за силна Македонија, посочи Груевски.
Тој на граѓаните им посочи дека знаат каква промена, раст и завој доживеа Македонија во последните години, како и дека знаат каде Македонија беше пред 11 години, и каде беше кога СДСМ ја презеде власта пред околу 5 месеци.
-Каде и да одам, во сите мои говори, секогаш зборувам за работите кои сме ги направиле, за проектите кои сме ги реализирале, за успехот кој што заеднички го создававме. И има многу работи да се кажат затоа што тоа сме ние, а работата и посветеноста останува наша карактеристика. Истовремено зборувам и за јасно дефинирана и добро промислена визија. За тоа што во иднина ќе го направиме. Но за што зборуваат тие? За што зборуваат тие лажговци?, праша Груевски.
Потенцира дека тие зборуваат со клевети, лаги и празни зборови и оти нивната политика е политика на празни зборови.
-Тоа е политика на навреди. Тоа е политика на креирање на тензии и заплашување, политика на насилство на многу афери, корупција, криминал. Тие знаат само да палат, укинуваат и уништуваат. Сите мора да го знаат следново: Ние не се плашиме од никого. Ние сме ВМРО и ВМРО не се плаши од никого. Ги посветивме нашите срца, мисли и животи за оваа кауза. И не се откажуваме од нашата земја. Се додека нашиот народ, нашите граѓани тоа го сакаат, ние ќе стоиме исправено и гордо. Никогаш нема за застанеме, да се предадеме. Никогаш нема да го заборавиме и да го смениме нашиот правец за развојот на нашата земја, истакна Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека ќе продолжат да ги исполнуваат ветувањата, да работат и да нудат проекти и решенија. Според него, СДСМ не се способни да го направат тоа.
-Видете што се случува, тие им велат на луѓето, „гласајте за нас“. Луѓето секако ќе ги прашаат „Македонија и нашите градови имаат проблеми. Што ќе преземете за тоа?“ Што велат тие? „Ние ветуваме воздух, граѓаните ќе добијат воздух.“ Тоа е потценување на народот. Нивниот главен проект е воздух. Благодарение на Бога, поредокот во природата ни обезбедува воздух. А Бог дарува и живот, а тие ветуваат и живот. Две работи кои не зависат од нив, токму тие ги ветуваат. Тоа е потценување, тоа е потценување на народот, на неговата интелигенција, тоа е потценување на сопствениот народ. Нема да чуете решенија, нема да чуете идеи за подобар живот. Туку флоскули, апстрактни поими, посочи Груевски на големиот митинг во Прилеп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.