| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Тие продаваат ветер и магла – ние нудиме способност, вештина и визија

Склучија штетен договор со Бугарија без да го прашат народот. Еве сега на овие избори треба народот да одлучи дали Илинденското востание е бугарско или e македонско, дали Гоце Делчев и Никола Карев се македонци или бугари. Со Грција те не договаарат, те договараат комисии за ревидирање на историјата и на учебниците по историја. И додека ова се случува- гледаме дека има тендери, ама тие одат кај луѓето од власта, кај газдите, новите газди, нивните фирми и компании се единствените за кои дојде животот. Домашното стопанство кризира. Секој ден е се потешко и потешко.

Ова денеска од митингот во Крушево го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, додавајќи дека главна преокупација на Владата не им е економијата, туку како може да злоупотребат некоја функција и бенефиција.

-Политичката хајка врз кандидати за градоначалници и градоначалници им е единствен проект во локалната самоуправа и друг проект немаат. Мислат така ќе не уплашат, а не сфаќаат дека се прочитани и народот тоа ќе го казни, ќе го казни на 15 октомври, а потоа и на 29. Ветија повисоки пензии, а реално им го укинаа покачувањето на пензионерите. Земјоделците пак ги заборавија. Наместо 10 отсто зголемување, субвенции само за оние кои имаат поголем принос од минатата година. Едно ветување пред избори за оризот, друга реалност денес. Имаме автопати и патишта кои ги почнавме а тие ги заглавија и не се градат, радиодифузна такса, која се уште се плаќа. Евтина струја која се уште ја нема. Даноци кои ќе се покачат, струја која ќе поскапи, посочи Груевски.

Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ја чекор по чекор ја качувало Македонија на скалата на Светскиот форум за мерење на конкурентноста на државите.

-Денес по 15 години, Македонија е исклучена од Извештајот за конкурентност. Девизните резерви продолжуваат да се топат, нови 4 милиони евра во август се потрошени, а бројката веќе помина над 180 милиони евра помалку во девизните резерви откога се на власт. Во секое поле неспобност, и аматеризам, вели Груевски.

Според него, Луѓето кои денес ја водат Владата на Република Македонија се приправници.

– Кога сакате да ви се поправи колата, ја носите кај помошникот или кај вистински мајстор? Кога сакате да ви се окречи куќата, викате некој помошник, приправник или вистински молер? Кога сакате да ја шишате косата, дали преферирате некој што почнал да учи, приправник или искусен бербер, фризер? Овие приправници се обидуваат да летаат авион, а ни велосипед не знаат да возат. И тоа не можат да го направат, истакна Груевски.

Тие не можат да ги водат и управуваат нашите градови, посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека тие се неспособни да ги решаваат проблемите на граѓаните.

-Тие не можат да ја водат Македонија во потребниот правец. Настрана водењето на државата, две овци да им даде човек ќе ги загубат. Тие никогаш не ги исполнуваат своите обврски. Но едно добро знаат да прават: да продаваат ветер и магла. ВМРО е мајсторот. ВМРО има способност, вештини, проекти визија и храброст, волја за работа, волја за резултати. Кога нешто ќе ветиме, секогаш сме доследни на нашите зборови. Кога ќе речеме дека нешто ќе направиме, ни секогаш исполнуваме. Ние сме ВМРО, ние работиме, ние создаваме, ние решаваме проблеми.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top