– Во 1993 година бев уапасен и тогаш почна одисејата со таа несреќа. Кога излегував од затвор после пет годни, ми ги вратија сите работи кои ги имав во себе ноќта кога бев уапсен. Меѓу другите, беше и сценариото за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Тогаш бевме во некои преговори за филмот. Потоа Раде Шербеџија оствари сјајна улога во тој филм – откри меѓудругото Жарко Лаушевиќ, еден од најголемите актерски имиња во поранешна Југославија, кој е во Скопје. Тој е гостин на Фестивалот за дебитантски филм „Киненова“ кој почнува утре во Скопје.
На Лаушевиќ утре во скопското кино „Милениум“ во 20 часот „Киненова“ ќе му додели Специјалното признание за особен придонес во филмската уметност. Годинашното издание на „Киненова“ ќе се одржи од 6. до 11. октомври, а отварањето на фестивалот е со филмот: „Мажите не плачат“ на Ален Дрљевиќ, БиХ 2017.
Лаушевиќ, по неколкуте успешни автобиографски романи се враќа на филмското платно и театарската сцена.
Лаушевиќ беше осуден за двојно убиство кое се случи во 1993 година. Првпат ја посети Србија по пауза од 20 години, во 2014 година.
Трагедијата се случи на 31 јули 1993 година, кога Жарко и неговиот постар брат Бранимир ги нападна една група насилници. Жарко, бранејќи се себе и брата си, пукал во двајцата, а едниот беше тешко ранет. Беше осуден на 15 години затвор, а кога тогашниот Сојузен суд ја укина пресудата, Лаушевиќ повторно беше изведен на суд во февруари 1998 година и осуден на четири години затвор.
Бидејќи уште пред да му биде изречена пресудата, одлежа четири и пол години и беше пуштен на слобода. Потоа ја напушти земјата и се пресели во Њујорк каде што работел како физички работник.
Лаушевиќ игра во три серии годинава, „Сенките над Балкан“ на Бјелогрлиќ, „Пет“ на Балша Џога, и „Корени“ работена по мотиви на Добрица Ќосиќ. Го сними и филмот „Воља на синовите“, на младите Страхињ Маџаревиќ и Немања Чераниќ.
Во богатата биографија на Лаушевиќ се запишани улоги во филмовите „Хасанагиница“, „Игмански марш“, „Лазар“; „Јагоди во грло“, „Доброволци“, „Убавината на порокот“, „Шмекер“; „Сив дом“, „Офицер со роза“, „Лето“, „Црн бомбардер“, „Подобро од бекство“, „Кажи зошто ме остави“…
– Му благодарам на фестивалот за наградата. За мене е голема чест. Мојата кариера на некој начин е одбележана со работа со дебитанти – рече на вчерашната прес-конфренцијата Лаушевиќ.
Тој говореше за сегашниот ангажман кој е поврзан со филмот и со театарот, а ја спомна и работата на третата книга. Не заборави да спомене дека неговата сопруга e по потекло од Македонија и дека кај него дома се говори македонски јазик. Од Македонија има само убави спомени.
– Македонија секогаш ми буди носталгични чувства. Во 1987 година во селото Горно Количани снимавме филм со Ксенија Пајчин, Мира Фурлан, Мирјана Јоковиќ..Тоа беше живописно место, каде што куќите беа изработени од кал. Не знам денес како е. Ама во тоа време ептен беше филмско место. Филмот беше југословенско-аргетинска копродукција – раскажува Лаушевиќ.
Тој објасни дека ја пишува третата книга, која се уште не му е завршена, најмногу поради обврските во театар и на филм.
– Некако ми е драго што не ја завршувам книгата, бидејќи сум ангажиран како актер. Овие години снимав повеќе и книгата може да причека – вели Лаушевиќ.
Тој се потсети дека во 1999 година од Скопје заминал за Америка.
– Скопје беше моја последна станица. Последната ноќ пред да заминам бев тука и денес првпат доаѓам после толку години. Уште не го разгледав градот, бидејќи од аеродром дојдов директно на прес-конфернецијата. Ми претставува огромна чест што по толку години сум во Македонија и тоа за еден ваков повод како што е фестивалот. Она по што се сеќавам на вашата земја е пријателството и прекрасната соработка со Унковски, Милчин, и со многу други драги колеги, кои некои од нив, за жал, не се повеќе меѓу живите. Но, она што секогаш ќе ми остане во сеќавање е вашето гостопримство и прекрасните моменти поминати овде. Поводот за кој сум дојден ми причинува огромна чест. Наградите годат и ме потсеќаат на обврската дека уметноста мора да трае – рече Лаушевиќ.
Тој признава дека не очекувал таков голем успех по издавањето на книгите и смета дека неколку фактори влијаеле на тоа.
– Моето отуство, љубопитноста како изгледа живот зад решетки посебно на некој познат, можеби сето тоа влијаше на успехот на книгите – додава Лаушевиќ.
Инаку, второто издание на „Киненова“ ќе се одржи од 6 до 11 октомври, под мотото „За сè има првпат“. Идејата на фестивалот е да открие, промовира и афирмира нови филмски приказни на нови автори, кои сè уште се недоволно истакнати во светската филмска јавност, давајќи им шанса на почетокот од нивните филмски кариери.
Фестивалот, како и минатата година, ќе додели награди за најдобар филм, режија, сценарио и за најдобар филм според публиката, а ќе се натпреваруваат вкупно десет филма од девет земји (Израел, Канада, Костарика, Романија, Венецуела, Холандија, Америка, Босна и Шпанија). Филмовите ќе бидат оценувани од стручно жири, кое оваа година е составено од Горан Марковиќ (Србија), претседател, Хулија Учансу (Турција ), Синоличка Трпкова (Македонија ) и Игор Гало (Хрватска).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Три фантастични филмови на Зеки Демиркубуз- enfant terrible на турската кинематографија во кино „Милениум“
-
Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“: Нема поубава работа од тоа да си го одржите личниот, но и колективниот интегритет на високо ниво
-
Репризни проекции на филмовите наградени на „Киненова“
-
Денеска завршува програмата за Европско културно наследство на „Киненова“