| четврток, 6 декември 2018 |

Овации за „Електра“ на МЕСС

Вчеравечер, на 2 октомври во Народниот театар во Зеница, во рамките на 57-то издание на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС, Босна и Херцеговина, МНТ со изведбата на „Електра“ повторно покажа ризичен, анархичен, опасен и отворен театар, театар на новото време за новите генерации.
За енергичната актерска екипа и врвната игра на: Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиески, Камка Тоциновски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Александар Михајловски, Арна Шијак, Калина Трипкова и Мишел Митевска, зборуваа три и пол часовното уживање и овациите на публиката. 


Уметниците и техниката уште еднаш го потврдија големиот успех со изведбата на оваа комплексна претстава.

МНТ со оваа исклучителна претстава во режија на Андриј Жолдак беше во официјалната програма со извонредни продукции од 12 земји (Белгија, Полска, Италија, Аргентина, Босна и Херцеговина, Шпанија, Хрватска, Србија, Франција, Бугарија, Швајцарија и Црна Гора). Претставите се различни по содржина, како во театарските форми така и тематски ― од танчарски театар, преку марионетски опери, до театар, предавања и перформанси.


На овогодинешниот МЕСС, кој започна на 30 септември, а ќе заврши на 8 октомври, земаа учество најистакнатите уметници на театарот во Европа, врвни театарски куќи и претстави потпишани од светските лауреати: Паоло Маџели, Арпад Шилинг, Давид Еспиноса и Мило Рау.
-Поради комплексноста и големината на сценографијата, претставата се играше во Зеница, која е оддалечена од Сараево 60 км, фестивалската организација беше беспрекорна, имаше организиран превоз за публиката од Сараево. Со ваквиот потег, можеа да ја видат и зеничани кои дојдоа во голем број. Претставата помина одлично и за изведбата целата екипа доби заслужен аплауз, проследен со овации, изјави директорот на МНТ, Драган Спасов – Дац.
Претставата „Електра“, продолжува да учествува на најпрестижните фестивали, и со тоа покажува дека е дел од модерниот европски театар заедно со големите национални театарски продукции.
По враќањето на екипата од БиХ во Скопје, следната изведба на претставата „Електра“ е на 26 октомври со почеток во 20 часот. Билетите се веќе пуштени во продажба на билетарницата на МНТ, а студентите за оваа изведба имаат слободен влез.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top