| четврток, 6 декември 2018 |

Пијанистката Ана Гацева на турнеја во Холандија

Македонската истакната пијанистка Ана Гацева, во моментов е на турнеја во Холандија. Таа настапува на три реномирани концертни подиуми, и тоа во Диемен, Девентер и Елде. Концертот во Диемен предизвика огромен интерес и извонредни реакции, вели Гацева, за што покажува и одзивот на критиката која меѓу другото за нејзината изведба ќе каже: „…толку моќно, толку прекрасно… од екстремно експресивно до најспокојно.“

Македонската извонредна пијанистка сосема ја маѓепсала публиката во салата „In de Hoop“ за што критиката ќе напише: „…таа ни го одзема здивот со изведбите на Андреевска, Димушевски и Бакрнчев, носејќи ги со многу страст, сила и виртуозност. Не погали со врвната, мајсторска интерпретација на дела од Шуман, Дебиси, Равел (со пијанистот Marcel Worms) и заврши со моќната изведба на Гинастера. Можеме само да посакаме повторно да ја чуеме нејзината изведба…“ Овој викенд следат рецитали на Ана Гацева Гацева во Девентер и Елде.

Ана Гацева работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Гацева дипломирала пијано на ФМУ во Скопје како најдобар студент на генерацијата и на истиот Факултет магистрирала со признанието cum laude Во текот на школувањето, таа е добитник на високи државни и меѓународни награди. Паралелно, таа дипломирала и магистрирала пијано и камерна музика на светски реномираната музичка академија Ecole Normale Superieure de Paris Alfred Cortot стекнувајќи се со највисоката диплома за пијано-концертист. Во текот на својот престој во Париз, Гацева е ангажирана како соработник на Академијата и е стипендист на Академијата и на француската влада. Светски познатата „Моцартеум Академија“ ја завршила во класата на проф. Дел Вињ, како нејзин најмлад учесник и стипендист. Докторската дисертација по пијано интерпретација јазавршува на ФМУ-УКИМ, Скопје, под менторство на проф. Емеритус С. Јанг од Тринити Колеџот од Лондон и проф. Д. Бужаровски од ФМУ Скопје. Истата година, Ана Гацева ја издава книгата „Пијанистички техники во концерти на композитори-изведувачи од светската музичка сцена“. Во текот на своето усовршување, Гацева соработувала со врвни пијанисти и педагози, како Моник Дешосе, Жан Клод Пентје, Милена Молова, Александар Штаркман, Жени Захариева итн. Ана Гацева се издвојува како една од најактивните и најуспешните солисти во својата земја. Во континуитет таа реализира забележителни настапи на меѓународната концертна сцена и тоа по покана во угледни сали и институции во Њујорк, Париз, Виена, Салзбург, Минск, Киев, Дрезден, Софија, Букурешт, Љубљана, Загреб, Пиран, Пловдив, Белград, Порторож, Бар, Цетиње, Логатец итн. Ана Гацева е чест солист со домашни и странски оркестри и тоа со Македонската филхармонија, Младинскиот интернационален Камерен Оркестар, Оркестарот за современа музика „Света Софија“, Рускиот Академски Камерен Оркестар, Битолскиот камерен оркестар. Гостувала на реномираните меѓународни фестивали: Охридско лето, Минска пролет, Les concerts de Midi&Demi, Киевски музички фестивал, Meridian Festival Bucharest, Загребски летен фестивал, Пирански музички вечери, Фестивал Барски љетопис, Фестивал Еспресиво- Цетиње, Денови на македонска музика, Штипско лето, Макарски летен фестивал, Летен фестивал во Омиш, Љубљански композиторски форум, Хварски летни приредби итн. Реализирала бројни снимки за Македонска Телевизија, како и снимки за Радио Скопје, Радио и Телевизија Загреб, Радио Љубљана. По покана, одржала бројни семинари по пијано интерпретација во својата земја и надвор од неа. Репертоарот на Гацева вклучува дела на автори од сите музички епохи, како и дела на македонски композитори, кои таа активно ги промовира во земјата и надвор од неа. Репертоарот на Гацева вклучува дела на автори од сите музички епохи, како и дела на македонски композитори, кои таа активно ги промовира во земјата и надвор од неа. Во 2012 година таа е добитник на високата награда „Георги Божиков“ за најдобар музички изведувач, која ја доделува СОКОМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top