Во знак на сеќавање на истакнатата македонска пијанистка, универзитетски професор и еден од основачите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Стела Слејанска-Стојаноска, денеска, во 18 часот, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и семејството организираат мал концерт и промоција на документарен филм во концертната сала на Музичката академија во Штип.
На концертот ќе настапат дел од учениците кои под нејзино менторство влегоа во светот на сериозната музика: Татјана Џорлева, Ангеле Михајловски, Сашка Панева и Христо Стојаноски.
Со своето активно присуство на музичките сцени и фестивалски манифестации низ земјава и во повеќе земји низ Европа и светот, Слејанска-Стојаноска беше етаблиран пијанист со „силна репродуктивно-творечка имагинација и индивидуалност во интерпретацијата, наведуваат организаторите. Од 2001 година таа беше член на Европското друштво за култура со седиште во Венеција, како и член на асоцијацијата „Музиката и уметноста во Европа“ – Париз. Потврда за меѓународната афирмираност на Слејанска во сферата на репродуктивната уметност претставуваат и бројните домашни и меѓународни награди и признанија од кои може да се издвои Орденот за заслуги од областа на културата од претседателот на Република Франција – „Витез од редот на академските палми“, доделен во 2006 година.
Слејанска-Стојаноска почина во август минатата година, а овој концерт веќе втора година по ред, традиционално, се одржува во нејзин спомен, на денот на нејзиниот роденден.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.