Под мотото „За сè има првпат“ од 6-ти до 11 октомври ќе се одржува второто издание на фестивалот за дебитантски филм „Киненова“. Во шесте фестивалски денови посетителите ќе имаат можност да проследат богата програма со филмови кои се прв и втор долгометражен филм на режисерот.
Идејата на фестивалот е да открие, промовира и афирмира нови филмски приказни на нови автори кои се сè уште недоволно истакнати во светската филмска јавност, давајќи им шанса на почетокот од нивните филмски кариери.
Покрај долгометражните, официјалната селекција ќе понуди и кусометражни филмови, во кои спаѓаат професионални и студентски филмови од цел свет. Дополнителни, ревијални програми на фестивалот се: Панорама на светската незавизна филмска продукција; Кино Балкан; Фокус на; Македонски кратки и еден новитет програмата 0% Цензурирано, за која организаторите најавуваат дека ќе биде голема провокација за гледачите.
Според најавата, специјален гостин годинава ќе биде српскиот актер Жарко Лаушевиќ, кому ќе му биде доделено Специјалното признание за особен придонес во филмската уметност.
Фестивалот како и минатата година ќе додели награди за најдобар филм, режија, сценарио и за најдобар филм според публиката, а ќе се натпреваруваат вкупно десет филмови од девет земји (Израел, Канада, Коста Рика, Романија, Венцуела, Холандија, Америка, Босна и Шпанија).
Филмовите ќе бидат оценувани од стручно жири кое оваа година е составено од Горан Марковиќ (Србија), претседател, Хулија Учансу (Турција ), Синоличка Трпкова (Македонија ) и Игор Гало (Хрватска).
Селектор на Главната програма е филмската критичарка Марина Костова.
Директорот на „Киненова“ Небојша Јовановиќ изјави дека се потрудиле програмата да биде разновидна и да го разбуди љубопитството на филмските сладокусци.
Во рамките на „Киненова“ ќе има и работилница за развој на сценарија за кратки филмови за македонските млади сценаристи, а ментор ќе биде Џон Стивенс. Ќе има и панел-дискусии, трибини и мастеркласи.
Проекциите ќе бидат во кината Синеплекс и Милениум, Кино Култура и Кинотека на Македонија. Билетите, кои ќе чинат по 100 и 150 денари, ќе бидат пуштени во продажба во почетокот на наредната недела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Три фантастични филмови на Зеки Демиркубуз- enfant terrible на турската кинематографија во кино „Милениум“
-
Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“: Нема поубава работа од тоа да си го одржите личниот, но и колективниот интегритет на високо ниво
-
Репризни проекции на филмовите наградени на „Киненова“
-
Денеска завршува програмата за Европско културно наследство на „Киненова“