Неодамна, пак, ја промовираше и својата прва песна, баладата „Без тебе не можам“ и видеоспотот за неа
Тоа што е помалку познато за тебе е што, всушност, твоето доаѓање во Скопје е сосема неповрзано со твојата музичка кариера. Како ти се допаѓа живејачката тука? Лесно се навикна на нашиот менталитет?
Марко: Да, овде дојдов од службени причини и затоа сè уште сум тука. Лесно е да се навикнеш на балканскиот менталитет ако сте растеле во него. Јас израснав во Србија и можам да ви кажам дека речиси сè е исто, само јазикот ни е поинаков, но и тука има сличности, па супер се снаоѓам.
Со клупски свирки може да те видиме на многу места, но, сепак, најчесто те има во Битола. Има некоја посебна причина што ете не само што тебе ти е драга, туку и битолчани се твојата најверна публика.
Марко: Битола е град што премногу ме потсетува на мојот роден град Крушевац, па затоа и ми е многу драг. Секој пат се радувам на одењето во Битола бидејќи знам дека ме очекува преубава свирка со многу позитивни и насмеани луѓе, кои се жедни за добра музика и за уште подобро пеење.

Кога сме кај пеењето, не може а да не се забележи тоа дека некако машките посебно се расположени на твоите свирки, понекогаш пеат дури и повеќе и погласно од женските…
Марко: Секогаш кога сум на сцената очекувам само едно – да ги распеам сите луѓе што се во тој момент присутни. Секоја песна има своја тежина и сила, понекогаш машките се погласни, но не треба да се занемари на пример песната од Маријана и од Росана „Признавам“, која ги урива сите рекорди во децибели кога станува збор за гласно пеење од страна на женската публика.
Се реши да почнеш со акустични преработки на познати песни. Сметаш ли дека тоа е вистинскиот начин да ѝ се претставиш на публиката? Дали на тој начин се успева повеќе на нашиот музички пазар или, пак, со авторска музика?
Марко: Ако ја согледаме ситуацијата од светски рамки можеме да утврдиме дека изведувачите имаат многу поголем успех од кавер-изведбите, но има и исклучоци, како на пример Џејм Артур со својата извонредна изведба на песната „Импосибл“ („ Impossible”), која преку ноќ стана светски хит број еден. Така што мислам дека е супер да ѝ се претставиш на публиката со кавер-изведба, но сепак да направите и нешто свое што, пред сè, вам ќе ви значи многу повеќе.

Неодамна на промоцијата на твојата прва песна изјави дека поддршката што ја имаш од пријателите, колегите и од семејството, а, пред сè, од публиката, беше поттик да отпееш нешто свое, од своја душа. Дали ќе останеш само на „Без тебе не можам“ или покрај преработките повторно ќе видиме нешто твое.
Марко: Следно на тапетот е, дефинитивно, новиот сингл, кој треба да излезе веќе на почетокот на есента. Потоа, можеби, уште неколку синглови и ако сето тоа оди по својот пат, така како што очекувам и сакам, можеби ќе размислам и за издавање на свој прв албум, но сè уште е рано да се зборува за тоа. Жеден сум за снимање и за создавање нова музика зашто тоа е тоа што ме храни и ме прави најсреќен.

Разговараше: Марина Костовска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


