Напаѓачот во Кичево пукал од зад грб, открива полицијата. Осомничениот од вчерашниот инцидент во Кичево, каде беше ранет носителот на независна листа на советници Алит Абази, е уапсен на истиот булевар на којшто се случи престрелката. Станува збор за 58-годишениот Абдула Абдули од кичевското село Горно Строгомиште.
И покрај првичните неофицијални информации дека веднаш по пукањето тој избегал, од МВР информираат дека го привеле непосредно по пријавеното пукање во 18.40 часот.
– Приведувањето е извршено на булеварот Ослободување во Кичево а при преглед врз истиот, пронајдено е и одземено огнено оружје, пиштол марка „Сиг Сауер“ калибар 9 милиметри – велат од СВР Охрид.
Се огласија и од обвинителството, но мотивите сè уште не се познати. Се вршат разговори и исрагата е во тек, а ќе се побара и мерка притвор за напаѓачот.
„Според првичните сознанија до инцидентот дошло кога лицето А.А од зад грб испукало неколку куршуми од пиштол кон А.А и А.Д. При нападот со лесни телесни повреди во пределот на потколеница се здобил и случаен минувач. Поради сериозноста на повредите А.А и А.Д се пренесени на лекување во скопските клиники“, соопштија од Јавното обвинителство.
Во Кичево денеска е мирно и граѓаните ги извршуваат секојдневните активности. Сведоците за Дојче Веле велат дека напаѓачот извадил пиштол среде улица, го вперил и почнал да пука.
– „Се слушнаа истрели, некои свикаа за помош, додека дотрчав, во такси возило внесуваа лице кое изгледаше повредено. Лоши работи. И полошо можело да биде. Наоколу минувачи, возила… Во тоа време и деца од школо се враќаат…“, вели сведок за Дојче Веле.
Според жителите, полицијата реагирала брзо, бидејќи пукањето се случило на 100 метри од полициска станица.
Засега не се познати мотивите на напаѓачот, но според првичните сознанија тие најверојатно не биле поврзани со изборната активност на носителот на независната кандидатска листа, туку со претходни нерасчистени меѓусебни недоразбирања, за кои наводно била започната и судска постапка.
Најсериозно е повреден носителот на единствената независна советничка листа во Кичево Алит Абази, кој е итно опериран на скопските клиники поради прострелни рани во абдоменот и рбетот. Според сознанијата, тој е во стабилна состојба.
Другиот ранет е шефот на неговиот изборен штаб Дестан Адиу. Погоден е во десната нога и е хоспитализиран во Скопје.
Случајниот минувач кој бил ранет, Шабан Далипи, го згружиле во кичевската болница, а подоцна е пуштен на домашно лекување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.