| четврток, 6 декември 2018 |

На денот на својата свадба: Џеки Кенеди за малку ќе останела без венчаница

Една од најпознатите први дами на САД, Џеки Кенеди на денот на својата свадба за малку ќе останала без венчаница.

Дизајнерка на фустанот на Џеки била Ен Лоу. Но, тоа било строго чувана тајна, бидејќи Ен била Афроамериканка, што во јавноста во тоа време ќе предизвикало бурни реакции. Лоу била дизајнерка и на фустанот на нејзината мајка и на девериците.

Но, десет дена пред свадбата се случило нешто непредвидливо. Пукнала водоводна цевка во салонот на дизајнерката, така што 10 од 15-те фустани биле уништени, вклучувајќи ја и венчаницата на Џеки. Фустанот на идната прва дама на САД дизајнерката го изработувала два месеца.

Лоу купува материјал и со своите вработени ги изработува фустаните одново. За среќа, успеваат да го направат невозможното и на само ден пред венчавката, Ен седнува на воз до Њупорт да ја врачи лично венчаницата.

Кога пристигнува на имотот на семејството Бувие, обезбедувањето ѝ кажува дека може да се послужи со споредниот влез, резервиран за послугата, а сè поради бојата на кожа. Иако навредена, Ен возвраќа дека доколку не влезе на главниот влез, идната госпоѓа Кенеди нема да ја добие својата венчаница, што било и повеќе од доволна причина обезбедувањето веднаш да ја пушти.

Венчаницата на Џеки Кенеди ја направила за тогашни 500 американски долари, а вредела три пати повеќе. Ако се земе предвид дека морала да купи нов материјал и да ги плати другите жени, за да ги сошие повторно уништените делови, таа не само што не заработила туку и се задолжила. Семејството Кенеди никогаш не дознало за несреќата и напорот на Ен да биде сè во најдобар ред.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top