| четврток, 6 декември 2018 |

„Дони Дарк“ – нова премиера во Театар Комедија

Романтичната комедија „Дони Дарк“ од Леонард Герш во режија на актерот Роберт Ристов е прва премиера на Театар Комедија во новата театарска сезона. Ќе биде изведена утревечер од 20 часот пред седумдесет гледачи на малата сцена која е нов сценски простор во овој театар.

Претставата е магистерски труд по режија на актерот Ристов, инаку вработен во Театар Комедија и раскажува за млад човек со дисфункција на сетилото за вид и процесот во кој тој се осамостојува од семејството и проблемите кои притоа ги надминува. Текстот за претставата, со оригинален наслов „Пеперутките се слободни“, е на американскиот автор Леонард Герш, напишан во 1969 година.

– Претставата говори за потребата за негова социјализација и моментот кога е веќе зрел и сака да се осамостои. Тука е неговата мајка, која смета дека го заштитува својот син, но истовремено му прави контрауслуга со нејзината посесивност. Претставата има многу комични елементи, но има и елементи кои болат, ќе ве замислат и ќе ви предизвикаат солзи. Таа не е типична комедија, јас би рекол сетилна комедија зашто изобилува со сите тие емотивни состојби, рече Ристов на прес-конференција.

Насловниот лик ќе го игра Даријан Петров, студент на трета година на Универзитетот ЕСРА. Тој истакна дека улогата е комплексна за подготовка и неколку месеци работеле напорно.

– Се трудам очите да ги фиксирам во една точка, што заморува, а и е на штета на колегите мои зашто немаме контакт со очи, а таа актерска енергија е многу битна. Поради тоа, глумата е затворена само во мене, и тоа многу истрошува, рече Петров, кој за гестовите на ликот се консултирал и со слепо лице.

Покрај него, во актерската екипа се и Мирјана Поповска-Ристов, Магдалена Ризова-Черних и Сашо Ристовски, кој е нов член на ансамблот во Театар Комедија и негов уметнички директор. Сценографијата е на Инес Петрова-Бошкоска, костимите ги изработи Елена Лука, изборот на музиката, претежно класични нумери, како и една авторка тема, се на Гаро Тавитијан, а во живо на виолончело ќе ги изведува Дејан Цветковски.

Новото раководство на Театар Комедија – директорката Мирјана Поповска-Ристов и уметничкиот директор Сашо Ристовски, со оваа претстава почнува да пропагира еднакво општество и влез во театар за сите. За таа цел за влегување во театарот се направени пристапни патеки за лица со инвалидски колички, за што од „Полио плус“ театарот добил признание – знаменце за пристапност.

Првпат за оваа претстава во Театар Комедија ќе има и титл на текстот за глувонемите лица, а со жолти ленти ќе бидат обелжани холовите за лицата со оштетен вид непречено да дојдат до малата сцена. За луѓе со хендикеп се приспособени и шалтерите на билетарницата како и шкафови од гардеробите, На големата сцена, пак, ќе бидат извадени неколку седишта за да се направи простор за инвалидски колички.

Режисерот Ристов, кој и досега повеќепати работел со лица со посебни потреби и од ранливи категории, рече дека и овој проект се вклопува во таа, како што рече, животна мисија да се занимава и со таа тема.

По утрешната премиера, првата реприза на „Дони Дарк“ ќе биде на 29 септември. До крајот на годината на сцената на Театар Комедија се планирани уште три премиери.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top