Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Гостивар, Дафина Стојаноска истакна дека ќе се вложи Гостивар да прерасне во eвропски модерен град, уреден и опремен, за достоинствен живот, во духот на традиционалните вредности, прекрасно место за живеење, каде што сите ќе си ја планираме нашата иднина и иднината за нашите поколенија.
-Го гледам Гостивар после 4 години како град во кој ќе се креираат можности за просперитет, во духот на меѓуетничкиот соживот, меѓусебна почит и толеранција. Град во кој ќе се споделуваат заеднички вредности, без разлика на верска или национална припадност. Град во кој различностите ќе бидат, наша гордост, темел и гаранција за заедничкиот успех. Ќе настојувам заеднички да ги негуваме мирот и стабилноста, сплотени во едно и со една цел: искористувајќи ги ресурсите и поволната географска местоположба – за што поголем економски развој и просперитет на сите нивоа, започнувајќи од основните побарувачки, па се до најсовремените можности и потреби на заедницата во град Гостивар- потенцира Стојаноска.
-Како градоначалник, ќе инвестирам во помодерно образование, иновации и информатичка технологија, како и во креирање на меритократско општество, базирано на талент, знаење и вредности. За таа цел, ќе се реализираат голем број на политики на локално ниво, мерки и проекти кои ќе допринесат за остварување на стратешките приоритети за град Гостивар- посочи Стојаноска.
Нагласи дека на граѓаните им нудат визија преточена во Програма која содржи стотина проекти за секој гостиварец.
-Меѓу најважните проекти кои најдоа место во мојата Програма, би ги издвоила следните: Враќање на старото познато гостиварско корзо и изградба на современ градски плоштад и шеталиште. Изградба на катна гаража од современ тип, на 4 ката, со капацитет од 400 до 500 паркинг места за возила, вклучувајќи и паркинг места за лицата со посебни потреби, како и 120 паркинг места за велосипеди. Изградба на нова детска градинка, со вкупен капацитет за згрижување на 300 деца. Изградба на индустриска зона, со цел: поголема атрактивност во привлекување на домашни и странски инвестиции, и побрз економски развој. Изградба на Центар за селекција и рециклирање на отпадот, преку јавно приватно партнерство, како и Дислокација на депонијата Русино и преуредување на просторот. Изградба на затворен базен. Доизградба на гасоводот и гасификација на Гостивар, гостиварскиот регион, индустриските зони и поголемите индустриски капацитети. Изградба на канализациона мрежа во населба Млаки. Изградба на спортско игралиште во населба Циглана, кое ќе биде повеќенаменско и ќе се користи за фудбал, кошарка и одбојка. Реновирање на фасадите на старите згради низ Гостивар (нас. Малеарди, Кеј Вардар, Мара Угринова, Џамиџит маало и други). Реконструкција на покривот на ОУ „Гоце Делчев“. Изградба на спортски центар во Гостивар. Асфалтирање на преостанатите неасфалтирани улици во нас. Питарница, Млаки и Циглана, како и изградба на кружен тек на крајот од бул. „Браќа Ѓиноски“, на излезот од Гостивар. Изградба на Дом за стари лица, со капацитет од 100 луѓе- појасни Стојаноска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.