| четврток, 6 декември 2018 |

Богдановиќ за 4 години преку ПОЦ префрлил 500 000 евра на приватна фирма без да распише оглас

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Зекир Рамчиловиќ, денеска истакна дека Саша Богдановиќ 4 години по ред ги злоупотребувал парите на граѓаните на општина Центар и преку договори во 4 очи склучувал милионски тендери.

– Според јавно достапните информации преку електронскиот систем за јавни набавки, Богдановиќ од позиција на директор на Јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар, во период од 4 години, односно за 2014, 2015, 2016 и 2017 година, склучувал договор за изнајмување на систем за СМС наплата, без претходно распишување на оглас. Договорен партнер на ПОЦ во милионската зделка, во период од сите 4 години се јавува една иста фирма, тоа е фирмата ВИСТА ГРУП ДООЕЛ Скопје. Богдановиќ без јавен оглас, со договор во 4 очи од парите на центарци кон ВИСТА ГРУП во 2014 година префрлил 7.223.446 денари, во 2015 година, 7.740.177 денари, во 2016 година 7.740.177 денари, а во 2017 година 10.329.309 денари, при што за 4 години исплатил над 33 милиони денари, односно 530 илјади евра, посочи Рамчиловиќ.

Потенцира дека 530 илјади евра од парите на граѓаните без постапка на јавен оглас Саша Богдановиќ ги префрлил  на приватна фирма.

– Богдановиќ наместо да се грижи за јавниот интерес, се погрижил да и овозможи милионски профит на ВИСТА ГРУП. Богдановиќ треба да им одговори на граѓаните како исплаќал милиони од сметката на ПОЦ без притоа да распише јавен оглас и да бара најповолен понудувач, со што би заштедил огромен дел од исплатените средства. Ова е навистина огромен скандал и типичен пример за злоупотреба на парите на граѓаните. Ова е пример за неодговорно однесување, рече Рамчиловиќ.

Истакна дека граѓаните тоа го гледаат и оти тие тоа ќе го казнат на претстојните локални избори на 15 октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top