Големиот француски кинематографер Пјер Лом лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело на годинешното 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, пристигна во Македонија, заедно со својата сопруга Рене.
Тој денеска, по краток престој во Скопје ќе замине во Битола, каде на свеченото отварање на фестивалот ќе му биде врачена наградата.
Иако на возрасни години (1930), легендарниот кинематографер веднаш ја прифати поканата на директорот на фестивалот, Благоја Куновски Доре, да дојде во Македонија и да ја запознае земјата и фестивалот кој ја слави работата на кинематограферите.
Лом и неговата сопруга Рене пристигнаа во Скопје во раните утрински часови, по краткиот одмор ќе заминат во Битола. Добро расположени и возбудени со нетрпение чекаат да ја запознаат земјата што на Лом му ја додели високата почест за неговат исклучителна кариера.
– Среќен сум што дојдов во Македонија секогаш е добро кога ќе се посети нова земја – рече Лом веднаш по пристигнувањето на скопскиот аеродром. Со неговата сопруга се информирале за Македонија на интернет и најмногу сакаат да ја видат Битола.
Пјер Лом е легенда на француската и европската кинематографија, работел со американскиот режисер Џејмс Ајвори, со кого има снимено четири, многу важни филмови за неговото творештво.
Во неговата 40-годишна кариера тој ги има снимено некои од ремек делата на француската кинематографија, вклучувајќи го и филмот „Сирано де Бержерак“. Но и еден од најкултните филмови на сценаристот и режисер Жан-Пјер Мелвил, „Армија од сенки“ (1969).
Лом, како главна ѕвезда на годинашното издание на „Браќа Манаки“ ќе остане во Македонија неколку денови, а во рамки на програмата, публиката на фестивалот ќе има ретка можност да присуствува на разговорот со големиот мајстор на камерата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.