Фестивалот на претстави од режисерот Иван Поповски – „Иван се враќа дома”, што на сцената на МНТ од 16 до 23 септември ќе го прикаже „Мастерскаја П. Фоменко”, еден од најреномираните московски театри, продолжува денеска со претставата „Отровната туника” од Николај Гумиљов (2002). Претставата е во националниот театар во 20 часот, а репризата е закажана за утре.
Во претставите учествува еден од најсилните актерски ансамбли во Русија, кој зад себе има многубројни престижни театарски поединечни и групни награди, признанија за заслужни артисти на Руската Федерација, како и учество во големи филмски продукции.
„Отровната туника”, дело од Николај Гумиљов, кое многу ретко се поставува на сцена поради неговата поетска комплексност, нѐ носи на патување во ладниот мермерен спокој на константинополскиот дворец на императорот Јустинијан, каде што ѕидовите слушаат, а луѓето негуваат молчење; каде што внимателните зборови паѓаат како капки вода, ѕвонливо разлетувајќи се под камените сводови, а тишината задушува, буквално со густ темјан. Во таквиот свет се појавува синот на степата, воинот и поет Имр. Неговите страсни говори ја маѓепсуваат принцезата Зоја. Зачудната егзотика на Гумиљовата пиеса, законитоста и убавината на формата, класицистичката скапоценост на актерските гести и сребреновековната незадржливост на чувствата, се сплеле во претстава за љубовта и љубомората, прекрасни и гибелни, буквално брачна отровна туника.
Претставите на „Мастерскаја Фоменко“ се многу популарни како во Русија, така и во странство. Од првите денови на неговото формирање во 1993 година, неговите претстави постојано учествуваат на руски и меѓународни театарски фестивали, постојано одат на турнеи низ Русија и во светот. За 25 години постоење, театарот гостувал практично на сите континенти – многубројни гостувања во градовите низ Русија, во земјите на Европа, двете Америки, во Јапонија итн, а незаборавен дел во редот на тие гостувања е и она во 1997 година во Скопје, со претставата „Авантура“ во режија на Иван Поповски. „Авантура“ на Поповски ја имаше својата премиера во 1991 година, доби признание за најдобра претстава на годината во Москва, и беше еден од најзначајните настани што доведоа до тоа студиската класа на професорот Пјотр Фоменко да прерасне во театарот „Мастерскаја П. Фоменко”. (Мастерскаја на македонски се преведува со „класа“, така што името на театарот во превод би било „Класа на П.Н. Фоменко“). Започнувајќи со оваа претстава, трупата доби и меѓународно признание, а во тоа време „Москва тајмс“ напиша: „Мастерскаја на Фоменко стана еден од најомилените театри во Москва. Можеби сето ова не се случи благодарение на Поповски, но сè започна со неговата мала убава авантура“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Београдско драмско позориште со „Зојкин стан“ гостува во МНТ
-
Београдско драмско позориште гостува во МНТ со „Зојкиниот стан“
-
МНТ се приклучи во хуманитарната акција за Сара: Сретствата од билетите од „Силјан Штркот шанца“ ќе се донираат
-
МНТ со „Кец на десетка“ гостува на фестивалот „Ин Виница веритас“