Пожарот што вчера избувна на Баба Планина, под врвот Пелистер, е локализиран и под контрола, потврди раководителот на Битолската територијална противпожарна единица Костадин Поповски.
Поповски за МИА изјави дека професионални екипи и доброволци и денеска ќе ја следат ситуацијата на терен.
– Пожарот е во должинска линија од околу еден километар. Во текот на вчерашниот ден гореше само сува трева и опожарени се неколку хектари од тревата. Но, важно е да се истакне дека не е предизвикана никаква штета врз националниот парк „Пелистер“. На терен се професионални екипи од Битолската противпожарна единица, Дирекцијата за спасување во кризни ситуации, вработени од Националниот парк „Пелистер“ и доброволци, истакна Поповски.
Пожарот избувна кај месноста наречена „семафорите“, локација од која на една страна се оди кај месноста „антена“, а на другата страна кон Големо Езеро. За гаснење беа вклучени два канадера кои спречија поголемо ширење на пожарот кога во попладневните часови имаше силен ветер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.