| четврток, 6 декември 2018 |

Спремен и мотивиран, Јовановски ќе се бори за довербата на центарци

Поранешниот македонски кошаркарски репрезентативец, Дејан Јовановски, ќе биде кандидат за градоначалник на Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ.

Јовановски е поранешен кошаркар кој во периодот 2012-2013 година беше спортски директор на Работнички, а подоцна работеше и во Агенцијата за млади и спорт. Во мај 2016 г. беше назначен за генерален секретар на Македонската кошаркарска федерација. На 30 јули ја доби довербата од Централниот комитет на партијата и е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

-Воден од своите морални и човечки квалитети, сериозно посветен на она што го работам, со  дисциплинираност и ориентираност кон успех, убеден сум дека ќе придонесам, заедно со поединечниот придонес на секој еден член на ВМРО-ДПМНЕ, во остварувањето на сегашните и понатамошните цели и програми – во функција на доброто на граѓаните, без оглед на етничка, верска, политичка или друга припадност или определба. Сите сме од ист тим, тимот кој работи за подобра Македонија.Спремен сум и мотивиран сум за секаков ангажман и имам цели кои сакам да ги остварам. Како човек кој можеби е најпрепознатлив по репрезентативната кариера бранејќи ги боите на Македонија, се разбира дека дел од мојот ангажман ќе е и во спортската област. Внимавајте, ова се факти кои се на очиглед на сите – во изминатиот период како партија бевме многу насочени кон инвестиции во спортската инфраструктура, изградивме многу спортски објекти, спортски сали, фудбалски игралишта, тениски терени и други спортски објекти. Погледнете го само грандиозниот стадион „Филип Втори Македонски“ кој денес е фудбалска претстолнина на светот и е стадион кој беше изграден од владата на Груевски. Резултати имаме, а сакаме уште поголеми. И за тоа имаме и стратегија и кадар, има уште што многу да се работи и подобрува, да се вклучат спортските работници во креирањето политики и менаџирање, односно да се подобри нивниот статус-ќе каже Јовановски во интервју за Република.

Дејан Јовановски, кој е фаворит во Центар, ќе му се спротистави на Саша Богдановиќ од СДСМ на престојните локални избори.

Дејан Јовановски е роден на 26 март 1973 во Скопје. Кариерата ја започнал во Годел Работнички, каде играл четири сезони. Потоа се префрлил во кавадаречка Орка Спорт. За сезоната 1999/00 на почетокот играл во Никол Ферт, а потоа се префрлил во турски Ојак Рено каде настапувал до крајот на сезоната. За следната сезона играл во Швајцарија, во клубот Лугано, притоа освојувајќи го Првенството и Купот на таа земја. За следната сезона потпишал повторно за Никол Ферт, кога го освоил Купот на Македонија 2002. За сезоната 2002/03 играл во грчки Перистери. Во првата половина на сезоната 2003/04 играл во Фершпед Работнички, додека во втората половина се преселил во француски Шорал Роан Баскет. Следната сезона играл повторно во Франција, но во друг клуб – Елан Шалон. За сезоната 2005/06, која била и негова последна како играч, играл повторно за Фершпед Работнички, освојувајќи ја двојната круна во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top