Велика Вританија го зголеми синоќа „од сериозно на критично“ нивото за терористичка закана во земјата по експлозијата во воз во лондонското метро, што значи дека постои опасност од евентуален нов напад.
– На улиците во следните денови ќе бидат присутни припадници на полицијата и војската- изјави британската премиерка Тереза Меј.
Таа истакна дека во тој период припадници на војската ќе ги заменат полицајците на одредени локации кои не се достапни за јавноста.
Екстремистичката организација Исламска држава ја презеде одговорноста за вчерашниот напад на воз во подземната железница во Лондон, во кој се повредени 29 лица. Националната здравствена служба нагласи дека им е дадена лекарска помош на 21 лице, а осуммина се испратени на домашно лекување. Лондонската служба за итни случаи соопшти дека 19 повредени се хоспитализирани и тие се здобиле, главно, со полесни повреди, повеќето од нив се со изгореници по телото.
Британската полиција започна потрага по извршителот на нападот во Лондон на метро станицата „Парсонс грин“. Претходно, британската безбедносна служба соопшти дека го идентификувала осомничениот за нападот во лондонското метро со помош на снимки од безбедносните камери, објави телевизијата „Скај Њуз“.
– Извори во безбедносните служби наведуваат дека го идентификувале осомничениот со помош на безбедносни снимки- пренесува британската телевизија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.