Со премиерната изведба на претставата „Ноќ” во режија на македонскиот режисер Андреј Цветановски, а според текстот на црногорскиот писател Александар Радуновиќ, денеска во Кралскиот театар „Зетски дом“ во Подгорица ќе биде отворен фестивалот „МИТ 2017″.
Актерскиот ансамбл, кој го сочинуваат легендарниот српски актер Петар Божовиќ, како и Ана Вујошевиќ, Никола Перишиќ и Марко Тодоровиќ на сцената ќе ја оживее приказната за едно семејство, сместена во една ноќ. Тоа е приказна за една љубов, растурена и изгубена, и за едно промашено време во животот.
– Приказната за растурање на семејството е локална, но исто така и светска тема. Радуновиќ напиша одличен текст. Ова е приказна за судирот на старата традиција и новото време, а во тој баланс се наоѓа уметноста на живеењето на Балканот. Како да се пронајдеме во тој раскол од она што било и што доаѓа. Имав можност да работам со еден од најголемите актери на Балканот, Петар Божовиќ, како и со помладите црногорски актери Никола Перишиќ, Ана Вујошевиќ и Марко Тодоровиќ, вели Цветановски.
– Сигурен сум дека семејството, поточно она што значи да се расте и живее во таква заедница, во голема мера го одредува човекот, па не изненадува што многу великани на драмата од Есхил, Софокле и Еврипид, преку Шекспир и Молиер, до Ибзен, Чехов и многу други се бавеле токму со феноменот на семејните врски. По се човечкиот воајерски импулс обично е насочен кон оние најинтимните и добро скриени настани во животот на еден човек, па се чини дека архетипските слики на врската: мајка-ќерка, татко и син и обратно во голема мера го одразуваат она што се случува на поширок план кога станува збор за меѓучовечки односи, изјави пред премиерата авторот Александар Радуновиќ.
Во претставата „Ноќ” актерот Петар Божовиќ го толкува човекот кој е на умирање, кој создал имот, но и ја презел целата власт во семејството, со што се оддалечил од своите деца. Неговата сопруга и двајцата синови, еден пијаница, а друг избеган од дома поради сексуалната ориентација се жртви на неговите грижи и посветеноста.
– Авторот храбро се зафатил со проблемот кој е тука пред нас, а кој често се правиме дека не го забележуваме. Без сомнеж, талентиран, тој ни даде голем предизвик и задача. Како да излеземе од тоа? Мислам дека ќе успееме. Многу сум љубопитен како публиката тоа ќе го прими, изјави славниот актер.
Драматург е Божо Копривица, сценограф Сергеј Светозарев, костимограф Лина Лековиќ, а музиката е на Рамбо Амадеус.
По отварањето на фестивалот „МИТ 2017″ (кој ќе трае до 28 септември) со претставата „Ноќ”, која ќе има и репризна изведба на 15 септември следат претставите кои ја одбележаа театарската година во регионот.
Публиката ќе ја види „Трудна приказна” на Театар Комедија од Скопје, „Отело” и „Ладало” на Народен театар Битола, „Велика биљежница” на Загребачко казалиште младих, а сараевски МЕСС ќе се претстави со представите „Кокош” и „What is Europe“, а ќе биде прикажан и европски театар преку италијанско-белгијска копродукција на „Антигона”. На ова издание на МИТ ќе бидат одржани три концерти: Стефан Миленковиќ ќе свира со Црногорскиот симфониски оркестар, а ќе настапи и гитарското дуо Булатовиќ-Никчевиќ, како и Влатко Стефановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.